Поголема пристапност во училиштата, градење инклузивна клима, поизразено буџетирање, обуки и компетенции за наставниците и инклузивениот кадар, директорите на школите да бидат моторот на инклузивните промени во школите, а истовремено да продолжи едукацијата против предрасудите и стигматизацијата на децата со атипичен развој.
Завршниот настан на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ во МКЦ покажа бројни предизвици на кои надлежните институции на национално и локално ниво и во следните години интензивно и сериозно треба да работат, за да може заложбите од овој проект да продолжат и да се создаде одржлив систем на инклузивно образование.
„Овој процес е важен затоа што секое општество мора да се грижи за секоја единка одделно. Целта на овој проект е да не останат луѓе кои ќе бидат заборавени. А, лицата со попреченост години наназад беа заборавени надвор од системот. Затоа макотрпно работевме на суштинско вклучување на децата со попреченост во редовните училишта“, вели Бранка Џајковска од Фондацијата „Чекор по чекор“, кои го спроведуваа проектот заедно со здруженијата „Инклузива“ и „Хандимак“, a во соработка со Министерството за образование и наука.
Проектот беше финансиран од ЕУ, траеше 33 месеци и формално завршува во август. Меѓу другото, со него се работеше на пристапноста и инклузивноста во 43 училишта, повеќе од 150 атипични ученици добиваа образовно-туторска поддршка, 300 родители беа консултирани за секојдневните предизвици и повеќе од 430 вработени во училиштата учествуваа во обуки.
Исто така, се доделија месечни стипендии на 474 ученици со атипичен развој.
„Ова е многу важна активност, бидејќи се покажа дека на семејствата каде има ученик со попреченост им е важна дополнителна финансиска поддршка, за да може своите ученици да ги пуштат во училиште, затоа што луѓето се изложени на огромни трошоци. Од нашите 474 стипендисти, 42% се со еден невработен родител, а дополнителни 25% со двајца невработени родители. Значи, можеме да ја видиме цела слика, голем е проблемот во финансиска смисла“, посочи Џајковска.
Во текот на ноември и декември испратиле барање до секоја општина дали се во можност да ги преземат стипендистите, меѓутоа позитивен одговор досега стигнал само од Теарце. Оваа општина своите четири стипендисти ќе продолжи да ги поддржува од септември.
Од општина Штип, пак, добиле информација дека ќе почнат да даваат стипендии, но само на првоодделенци.
„Значи, не ги преземаат нашите стипендисти, но ќе почнат да поддржуваат во прво одделение, затоа што тогаш е најголем трошокот за семејствата. Исто така, имаме некои позитивни сигнали од општина Куманово, и.. тука некаде завршува оваа акција. Верувам дека заедно можеме да придонесеме. Пак сега во летниот период се прават ребалансите на општинските буџети, па верувам дека ќе можат да дадат предност“, нагласува таа.
За Џајковска поентата на целиот нов систем, заедно со новата образовна асистенција, е никое дете да не биде исклучено, без разлика дали е типично или нетипично.
„Образовната асистенција не е конципирана да биде поддршка на еден ученик, туку поддршка на наставникот и на целата паралелка. Во европските земји веќе се напушта системот на образовна асистенција, односно прават одделението да биде образовен асистент. Тоа се обврски кои ќе дојдат за секое дете, како што и самите ние создаваме врски и пријатели, уште од основно и средно. Промената што ја правиме значи подигнување на квалитетот на образованието за сите наши деца, подеднакво. Секое дете профитира, учи во најблиското училиште, оди заедно во градинка со другарчињата, а претходно си игра во маало. Тоа е поентата, да ги создадеме социјалните врски кои понатаму траат цел живот“, потенцира Џајковска за Радио МОФ.
Елена Мишиќ од „Чекор по чекор“ на панел-дискусијата во киното „Фросина“ во МКЦ ги нагласи предизвиците на кои наишле со проектот. Во земјата се’ уште постојат предрасуди и стигматизација поради кои децата се дома. Не е тајна ниту дека има недоволни познавања кај дел од стручните служби, наставниците и институциите за препознавање на прашањето на попреченост.
„Има проблеми во системот за детекција и дијагностика, но и недоволен опфат во училишното образование. Понатаму, (во државата н.з.) се соочуваме со недоволна подготвеност на наставниот кадар. Недоволни компетенции што се стекнуваат за време на иницијалното образование, меѓутоа и недоволна сигурност во она што знаеме и што го можеме. Некаде има отпор и одбивање за инклузија“, посочи Мишиќ.
За Мишиќ прашањето на адаптираност и прилагоденост на објектите воопшто не ни треба да се апострофира, сите сме свесни за тоа. Исто така, ја спомена и недостапноста на наставни помагала, неприлагоденост на наставните материјали, односно општата опременост во училиштата, без разлика дали се селски или градски.
„Постои и преголема зависност од учебниците, кои не се соодветни за сите деца, но и се’ уште големиот фокус на меморизирање и репродуцирање факти. Овој недостаток на ресурси, не само финансиски, туку и човечки, понекогаш води до големи паралелки. Понатаму, ние (како држава) го финансираме образованието, фокусирани сме на услугите, а не на потребите на нашите корисници“, забележа Мишиќ.
Уште едно поле каде се’ уште постојат недоумници е прашањето на оценување. Тука, вели таа, се’ уште сме фокусирани на сумативното, на сметка на формативното оценување.
„Преголем фокус на академските познавања, притоа запоставувајќи го оној цел широк спектар на други квалитети стекнати низ образованието, а тоа, за жал, кај децата со попреченост придонесува за ниски очекувања и помала поддршка“, потенцираше Мишиќ.
Лидија Крстевска Дојчиновска, државен советник за инклузија во Владата, го спомена и предизвикот со образованието за учениците со комплексни потреби.
„Како држава и институција треба да учиме од добри практики, како образованието да го прилагодиме на нивните комплексни потреби. Модифицираната програма по која учат, дел се изведува во основните училишта, дел во ресурсните центри. И тука исто така треба да учиме. Понатаму, ако во претходниот период ги зајакнувавме училиштата со обуки на кадарот и со финансиски средства од министерството, некако Центрите за поддршка не дојдоа на ред. Во наредниот период секако ќе се работи на нив, нив ги има многу повеќе отколку ресурсните, 23 во цела држава. Треба да ги развиваме постоечките, но и да отвориме нови. Да има по еден Центар во секое место за живеење“, рече Крстевска Дојчиновска.
Според неа, никогаш не треба да запре подигнувањето на јавната свест за сите овие теми.
„Би го споменала и Законот за средно образование, кој веќе треба да привршува, меѓутоа треба да видиме дали инклузивните практики од Законот за основно образование ќе бидат пресликани и продолжат и во овој закон“, посочи таа.
Зборувајќи за Законот за основно образование, донесен во 2019-та, рече дека тој направил значаен напредок, учениците со атипичен развој добиваат поддршка во школо, а притоа регулативата е усогласена со Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, како меѓународен договор ратификуван од земјава во 2011 година.
„Правото на образование е човеково право. Самиот закон предвиде разни услуги и поддршка за учениците, наставниците и родителите. Како една од најпознатите е секако образовната асистенција, потоа асистивната технологија, пристапноста која се’ повеќе ја има во училиштата… Во реформите, треба да ја споменеме и новата Служба за функционална проценка, односно новиот модел по Меѓународната класификација на функционалности, МКФ. Претходно, (пред да биде формирана како ваква н.з.) имавме голема забелешка од Комитетот на ОН за видовите проценки – т.н. ‘категоризација’ и етикетирањето (на лицата со атипичен развој)“, рече Крстевска Дојчиновска.
Поради сите промени, вели таа, сега има зголемување на учениците со атипичен развој во редовните училишта.
„Оваа бројка не е статистички потврдена, меѓутоа имаме над 1.000 ученици со попреченост во редовните училишта. Зголемувањето на бројот значи дека ние се’ повеќе треба да ја подобруваме поддршката која ќе ја добиваат и учениците, и родителите, и наставниците. Имаме капитални инвестиции за пристапноста. Одредена статистика од МОН вели дека 85% од основните училишта имаат пристапна рампа, или пак лифт платформа, а 30% – адаптиран тоалет. Ова не значи дека сите деца имаат пристапна рампа или тоалет, но е чекор напред“, посочи претставничката од Владата.
Инаку, освен панел-дискусија, вчерашниот настан во МКЦ понуди и изложба на 10-годишниот уметник и стипендист на проектот Филип Циглењак Симоновски, потоа промоција на 30-минутниот документарен филм „Повеќе од попреченост“, но и активности за најмладите со актерот Мартин Јорданоски.
Бојан Шашевски