Да се зборува за менструација е „срамота“, па така пола од жените се чувствуваат нечисто кога менструираат. 4 од 10 жени се обидуваат да ги скријат влошките од машките погледи, а многу често при менструални болки се принудени да користат денови од годишен одмор за да отсуствуваат од работа. Ученичките немаат пристап до приспособени тоалети во училиштата каде нема чешма за миење раце, ниту закачалки за да може уредно да променат влошка. Речиси секоја трета жена барем еднаш во животот немала пари да купи влошки и морала да импровизира со крпи и хартија.
Ова се некои од заклучоците на студијата „Менструална правда“ од 2021 година што беа изнесени на вчерашната конференција „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“ во организација на Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ и „ПЕРИОД.Скопје“. Во анкетниот дел на студијата за пристапот до менструална хигиена во Македонија учествувале вкупно 2.696 лица.
„Просечната учесничка во ова истражување се идентификува како жена, живее во урбана средина, вработена е или е вклучена во образовен процес и е на просечна возраст од 28 години. Тука мора да напоменеме дека ова е онлајн истражување бидејќи средношколките што договориле се оние коишто имаат компјутер и интернет дома“, посочи Ана Бојчевска Митревска, од Реактор – истражување во акција што ја спроведе студијата заедно со „Тиииит! Инк.“
На прашалникот дури 98% од испитаничките изјавиле дека ќе поддржат ослободување од ДДВ или намалување на даночната стапка на менструалните производи. Ваква иницијатива беше забележана во јавноста кога лани во декември премиерот Димитар Ковачевски најави намалување на данокот од 18% на 5%, а измените беа предвидени да се случат во текот на оваа година.
„Законот за намалување на ДДВ иако наиде на големо поздравување од јавноста кога беше најавен пред точно 6 месеци се’ уште не е изгласан“, рече Бојчевска Митервска.
За олеснување на пристапот до менструални производи пред две години се залагаше и Советот на Град Скопје да обезбеди бесплатни производи за менструална хигиена за сите средношколки во училиштата на територијата на Градот. Сепак издвоените 2.000.000 денари не беа искористени за менструални производи, а Советот за 2023 година изгласа амандман од 4 милиони денари. До училиштата не дојдоа ниту тие средства.
На една од панел-дискусиите говорник беше и советничката од Град Скопје Емилија Ангелова кој пред присутните откри дека направиле анализа што покажува дека со 2 милиони денари за 23 средни училишта под капата на Градот ќе може да се обезбеди по едно пакетче влошки за еднократна употреба по ученичка за цела година.
„Сепак, не се реализираа финансиите, веројатно беа повлечени без да знае Советот. Во буџетот за 2023 година повторно поднесовме амандамн со дуплирана сума и тоа се изгласа повторно од сите советници и овој пат имаше малку повеќе емпатија од машкиот пол. Сфативме дека и оваа година овие средства нема да се искористат за оваа намена што е навистина тажно и себично заради тоа што сите од нас сакаме да дадеме свој придонес во решавањето барем делумно на оваа менструална сиромаштија, па и нека биде едно пакетче за секое девојче, да почнеме од некаде“, рече Ангелова.
Ангелова објасни дека останува ребалансот на буџетот и дека се надева оти ќе успеат да влијаат во ребалансот да се задржат средствата со намена за менструални производи.
„Мислам дека ќе се оди на мала врата за правење на некоја симулација во смисла сега нема да бидат малку средствата туку ќе биде погрешен начинот на кој тие ќе се донираат на училиштата и како тие ќе се распределат на социјални случаи и тн. За мене тоа е негативна дискриминација бидејќи не се само тие девојчиња од социјално ранливи категории кои користат влошки туку сите девојчиња во училиштата треба да имаат пристап до такви хигиенски средства“, децидна беше таа.
Советничката рече дека засега нема најава кога ќе има ребаланс на буџетот кој според закон треба да биде шест месеци по гласањето на буџетот, ама надежно е тоа да се случи во јули, август или како што рече, евентуално септември.
Успешен пример, ако не и единствен за обезбедување на бесплатни менструални производи има во рамките на Факултетското студентско собрание при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФСС-ФЕИТ).
По иницијатива на Анастасија Марковска претседателката на ова собрание и останатите членови успеале да постигнат договор со деканот за бесплатни влошки на месечно ниво за сите студентки во зградата на Факултетот.
„Најпрво зборувавме со управата на факултетот за да ја предложиме идејата. Следниот чекор беше да најдеме дистрибутери на влошки. Целевме да не бидат светски компании туку некои локални производи чисто затоа што ако воопшто правиме злодело кон животната средина да биде тоа на помало ниво затоа што се помали компании. Потоа одевме по супер-маркети и ги гледавме влошките, позади има телефонски број од дистрибутерот зошто на интернет нема такви информации. Успеавме со помош од управата да се договориме со дистрибутер на кој му кажавме дека може да се случи да се зголеми бројот или да се намали“, раскажа Марковска.
За чување на влошките во тоалетите се потребни диспензери, а студентите тоа го решиле на начин што ги испечатиле со 3Д-принтер по дизајн на нивен колега. Марковска додаде дека сега чекаат уште да испечатат стикери за означување на влошките и логото на ФСС ФЕИТ, а официјално од следната академска година оваа можност ќе им биде достапна на студентките.
На паненелот „Менструална правда и младите“ учествуваше и Анисија Угриновска, младински делегат на ООН која сподели дека во новата Националната стратегија за млади има неколку резолуции кои се однесуваат на младите и менструалната правда. Таа ги повика младите на активно учество во општеството со што би придонеле во намалување на стигмата за менструалната правда.
За стигмата со која се соочуваат младите кои менструираат зборуваа и Елена Савеска од Иницијативата Мисли Малце и Марта Чадиковска, Координаторка на ХЕРА млади. Тие укажаа дека зборувањето и на важноста за воведување на сеопфатно сексуално образование во задолжителните училишни програми.
Ангела Бошкоска
Фото: Радио МОФ