Насловена „На врв на јазикот“, стихозбирката на авторката Катица Ќулавкова ќе биде промовирана на 6 јуни, вторник, во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ).
Со почеток во 19 часот, промоторка на книгата ќе биде Наташа Аврамовска, а модераторка на настанот ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
„Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, содржи 40 песни, поделени во седум целини: Забранета љубов, Копнеж по слобода, На врв на јазикот, Претечи, маченички (поетски драми), Неиспратени писма (меѓуциклус), Око соколово (трето око) и Годишни доба“, велат издавачите.
Поговорот на книгата е напишан од писателот Венко Андоновски.
„Како е можно со врвот на јазикот да се има синестетички пристап кон светот? Можно е, затоа што поетите знаат не само каде е врвот на јазикот туку и каде е неговиот корен. Тој е во душата. Со врвот на јазикот не се допира другиот, светот, туку сопствената душа, зашто јазикот почнува од душата. А таа гледа сè, слуша сè, допира сè, мириса сè, вкусува сè, затоа што е мудра, а мудроста е, како што пее Катица Ќулавкова, и над јазикот. Мудроста е јазик на јазикот, негова душа“, се вели во поговорот.
Катица Ќулавкова (Велес, 21.12.1951) е поет, есеист, теоретичар, раскажувач, препејувач и антологичар. Редовен професор (во пензија) по теорија на книжевноста, книжевна херменевтика и креативно пишување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје (Катедрата за општа и компаративна книжевност). Ќулавкова е редовен член на МАНУ (од 2003), член на Европската академија на науките (Салцбург, од 2014) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН (од 2008). Нејзини поетски книги се преведени на повеќе јазици (албански, англиски, бугарски, италијански, португалски, романски, руски, словенечки, српски, турски, француски, хрватски, црногорски, шпански). Има објавено над 40 авторски книги поезија, огледи и раскази, како и дваесетина приредени антологии, хрестоматии и критички изданија. Раководела со повеќе републички и меѓународни истражувачки проекти. Основач е на е-списанието за компаратистика „Мираж“ и на мултијазичната колекција „Разноликост“ на Меѓународниот ПЕН, а претседавала шест години и со неговиот Комитет за превод и јазични права. Добитник е на највисоката државна награда за животно дело на Македонија „11 Октомври“, како и на многубројни награди за поезија, критика и есеистика во земјата и во странство. Живее во Скопје.