Во Старата скопска чаршија во „Ла Кања“ утре (сабота) од 21 часот ќе биде промовирана арт книгата „Дали сте виделе мечка?“ на Алис Лаурешес, печатена во сито печат во студиото на Партизанска штампа Скопје.
Промоцијата ќе биде пропратена со изложба и свежа дистрибуција на арт книги на Алиса, како и внимателна селекција на винили на Владимир Муратовски.
„Книгата ја печатира убавината на природата во Папрадиште и нејзината околина со огромна почит кон колективот на Грин Пауер Велес кој се грижи за планинарскиот дом и маркирање на регионот. Имено Алиса (како ја викаме по нејзиното македонско име) беше дел од колективот на Партизанска штампа во изминатите два месеци. Напорно работевме и работиме. Принтавме, планинаревме, па пак принтавме, па се смеевме, па принтавме, па цртавме, па принтавме, па јадевме, пеевме и се смеевме, па слушавме музика, па пак принтавме и така до недоглед. Дојде време процесот да се затвори со изложба и музика. Уште сме во процесот, штампаме, и додека рацете ни се во боја, пристигна и дистрибуцијата што требаше да стигне на Фијук, значи и плус свежи изданија од Франција и Грција печатени на ризо, а книгата се надеваме во сабота ќе стигне спремна, испринтана, дотерана, захетватана и сецната“, соопштуваат од Партизанска штампа.
Инаку, Алиса е дипломиран студент на Факултетот за применети уметности во Париз, со интерес за современи изданија досега има издадено повеќе арт книги во ризо, офф сет или дигитал, и соработува со повеќе колективи кои се бават со современо издаваштво.