Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) – Охрид, на 24 јуни 2023 година организира вело-викенд насловен „На точак, Охрид и Стуга да видам“.
Станува збор за традиционална, седма по ред, рекреативна велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда со која, постојано се реафирмира идејата од 2016 година на тогашниот Општински совет за безбедност во сообраќајот (ОСБСП) за велосипедско поврзување на двата крајезерски града-Охрид и Струга и понатаму кон туристичката населба Радожда како и вело конекција Охрид-Св.Стефан-Пештани, со современо уредена, функционална и безбедна велосипедска патека.
„Сметаме дека, овие проекни иницијативи, имаат непроценливо значење за развој на туризмот и велосипедизмот во двата македонски туристички бисери и огромен бенефит за охриѓани, стружани но и туристите од Македонија и светот. На овој начин, ИПА Охрид прави свој обид за промовирање на Охрид, Струга и на целиот крајезерски регион, како атрактивни туристички и вело дестинации што значително ќе ги издигнат на светската вело туристичка мапа. Со ова, упатуваме порака до двете општини, конечно и сериозно да се заложат, велосипедското поврзување пред се`, на Охрид до Струга и кон туристичките населби Пештани и Радожда, да станат реалност“, вели Стефан Димоски, претседател на ИПА-Охрид.
Централниот вело настан ќе се одржи на 24.06.2024 година (сабота) во 8 часот, ќе се тргнува од градското пристаниште во Охрид и ќе се вози по крајбрежјето на Охридското езеро, по стариот пат Охрид-Струга. Во 08.45 кај „Евро хотел“, е предвидена средба на охридската со струшката вело група а потоа, заеднички ќе се вози низ живописните зелени предели кај Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“ до Радожда.
„Возењето велосипед е љубов, потреба, незаборавна авантура и неповторливо доживување. Во време кога државите градат велосипедски автопати, редно е и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите и да се ставаме во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на небезбедните патишта во регионот, на кои нема ни трага ни глас од вело патеки означени со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација“, додава Димоски.
Тој ги повикува сите членови на ИПА – Охрид и ИПА – Македонија, како и сите вело клубови од Охрид, Струга и Македонија и вљубениците во велосипедскиот туринг да се придружат на овој вело-викенд.
Повеќе информации за настанот може да најдете ТУКА.