На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
[Подкаст] Мегафон: Активисти во борба против „розовиот данок“
Во светот 28 мај се одбележува како ден на менструална хигиена, и овој ден служи како потсетник за подигнување на свеста и преземање акција до 2030 година секој да може да си дозволи производи за одржување менструална хигиена.
Со Јана Коцевска, извршна директорка на Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк“. кое заедно со иницијативата „ПЕРИОД.Скопје“ на 31 мај ја организира конференцијата „Кршење на табуата: Менструална правда за сите“ во новата епизода на Мегафон разговараме за резултатите од нивното истражување „Менструална правда“ за менструалната сиромаштија и за тоа што треба да се направи за конечна промена на состојбата.
[Видео] Јасно и гласно: Каде тера младинскиот активизам
Каде тера младинскиот активизам? По пандемијата, колку младите почнаа да излегуваат на теренски активности? Имаат ли младите потреба од нови простори за здружување? Зошто е заглавен Законот за младинско учество, кој требаше да им помогне на младите во нивниот активизам и социјален развој? Потребна ли е Програма за служба на заедницата во училиштата?
На овие прашања дискутиравме во новата епизода од серијалот „Јасно и гласно“.
Соговорници беа Мариана Ангелова, генерален секретар на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Ангел Димитриевски, програмски координатор на Здружението за едукативен развој „Еквалис“ и Михаил Каровски – Натрикс, дел од колективот на Социјалниот центар „Дуња“.
[Видео] Корупцијата е сè уште табу тема за студентите
Иако високото образование се соочува со разни видови корупција, студентите не пријавуваат вакви случаи. Проблемот е што не ја препознаваат корупцијата, но и не знаат каде да ја пријават, или пак имаат страв. Повеќе погледнете во видеото кое го подготвивме на оваа тема.
Државните универзитети со сè помалку дипломирани студенти [Инфографик]
Во 2022 година вкупно 7.483 студенти дипломирале на додипломските студии на македонските високи стручни школи и факултетите, што претставува намалување за 3,5% во споредба со 2021 година.
Според податоците на Државниот завод за статистика, на државните високообразовни институции лани дипломирале 5.026 студенти, на приватните 2.433 студенти, додека на верските факултети дипломирале 24 студенти.
Заврши инклузивниот проект на „Чекор по чекор“, останува Владата и општините сериозно да продолжат со инклузијата
Поголема пристапност во училиштата, градење инклузивна клима, поизразено буџетирање, обуки и компетенции за наставниците и инклузивениот кадар, директорите на школите да бидат моторот на инклузивните промени во школите, а истовремено да продолжи едукацијата против предрасудите и стигматизацијата на децата со атипичен развој.
Завршниот настан на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ во МКЦ покажа бројни предизвици на кои надлежните институции на национално и локално ниво и во следните години интензивно и сериозно треба да работат, за да може заложбите од овој проект да продолжат и да се создаде одржлив систем на инклузивно образование.