Во четврток (8 јуни) од 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба на ликовната уметница Марта Поп Антоска Башевска во Уметничкиот Центар АРТ ХАБ во Скопје.
Ова е прва изложба на Glass Art во Македонија на која што ќе бидат презентирани над 30 скулптури изработени од мурано стакло како и предмети од применета уметност и моден дизајн.
„Асоцијативноста во сложните стаклени скулптури на Марта Поп Антоска Башевска се движи во повеќе насоки, па така преку меурите, листовите, покрупните и поситните фрагменти на моменти налик на ѕвездена прашина, откриваме (под)водни, космички и/или растителни светови (и бескрајни надреални комбинации на сите овие светови!). Скулптурите коишто се изработени во изминативе пет години, како и на најновите мозаици и слики, се израз на посветениот процес на изработка преку постојано експериментирање со материјалот, формите и боите, резултирајќи во фанастични безгранични светови на приказните коишто ни ги отвора авторката”, наведува во текстот за каталогот историчарката на уметност Маја Чанкуловска.
Изложбата ќе биде отворена до 28 јуни.