„Коалиција Менуваме“, која ги застапува правата на лицата со хендикеп и попречености, денеска го одржа протестот „78% социјална правда“, откако претходно најави кампување пред Владата од 5 до 7 јуни.
Преку протестот пред Владата Коалицијата и присутните граѓани ги истакнаа своите барања до централната и локалната власт.
Од Министерството за труд и социјална политика беше побарано да се покачи додатокот за попреченост кај деца и возрасни за 78%, личната асистенција за лица со попреченост да се зголеми од 80 часа на 160 часа месечно, а родителите на деца со попреченост кои работат четири часа, да бидат доисплатени согласно примањата, а не според просечната плата.
Присутните ја потенцираа и потребата за назначување на Народен правобранител за лица со попреченост, а во рамки на образовниот систем беа побарани зголемување на бројот на образовни асистенти за деца со попреченост за 78%, исто зголемување на пристапните програми адаптирани по мерка за деца со попречености и зголемување за 78% на стручните тимови во образовните институции за деца со попреченост.
Од Министерството за здравство беше побарано ортопедските помагала за лица со оштетен вид веднаш да влезат во програмата на надлежното министерство во првите две години додека помагалата да се вметнат на товар на Фондот, но и формирање на рехабилитациони центри за деца и лица со попреченост.
Од локалната власт, присутните побараа пристапни детски игралишта, пристапен паркинг, пристапни патеки за лица со оштетен вид и телесна попреченост, но и пристапен и инклузивен јавен превоз и сообраќајна сигнализација.