Средношколци од повеќе средни училишта од Скопје учествуваа на дводневната работилница за креативно пишување за млади, што се одржа во КСП Центар „Јадро“ под менторство на компаратистките Марија Бошковска и Ивана Смилевска.
Во првиот ден од работилницата учесниците „прелетаа“ преку книжевните периоди – од антика до постмодернизам, читајќи митови, фолклор, поезија и мемиња.
„На вториот ден од работилницата повеќе пишувавме, а помалку бришевме, па слушнавме и што се случува кога мртвиот Кристофер Колумбо ќе отиде на Марс, кога ќе се вљубат Реџина Џорџ и Реџеп од Арачиново, но и кога Шехерезада нема да може да прекине да ика во диско. Го скршивме и Јајцето, каде откривме цел универзум, па патувавме до ѕвездите со Урсула К. Ле Гвин“, истакнуваат менторките.
Работилницата „Пиши-бриши… Само не оставај на seen“ се одвиваше на 5 и 6 јуни.