На претпоследната вечер од тринаесеттото издание на Филозофскиот филмски фестивал, (ФФФ), вечерва во 18 и 30 часот во Кинотека, премиерно ќе биде прикажан филмот „Совршен број“ (2022) на Кшиштоф Зануси.
Организаторите посочуваат дека наградуваниот режисер Зануси, пристигнува во Скопје како гостин на Фестивалот, а публиката ќе има можност за дискусија по проекцијата, а дополнуваат дека Зануси е еден од 40 основачки членови на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман.
Во најновиот филм на Зануси, ликовите се соочуваат што дилемата за дали ја изберат меѓу разумот, љубовта и верата.
„Направив филм каде поставувам прашања што ги нарекуваме филозофски или егзистенцијални и се надевам дека на овој фестивал ќе ја пронајдам публиката и критичарите кои би биле доволно паметни да се вклучат во ваква дебата, затоа што просечниот филмски критичар денес е некој кој има многу малку познавање од филозофијата, и најчесто само ни кажува за дејството, но не и за мислата или рефлексијата поттикната од тоа дејство“, вели Зануси за својот филм во интервју за македонските медиуми.
Организаторите посочуваат дека преку филмот, Зануси одново се навраќа на дел од темите кои веќе ги обработувал – врските помеѓу науката, животот и вербата, овој пат презентирајќи ги во неочекувана форма на интелектуален трилер.
Вечерашната фестивалска програма ќе продолжи во 21 часот во киното „Мирно лето“ каде ќе има проекција на филмот „1976“ (2022) на Мануела Мартели, во рамки на Официјалната селекција на долгометражни филмови.
На затворањето на Филозофскиот филмски фестивал, утре, на 9 јуни, ќе бидат доделени наградите од стручното жири, а како дел од ревијалната програма ќе биде прикажан филмоѕ „Змија во пазувите“ од Карлос Саура, награден на Канскиот филмски фестивал во 1976 година.
Филозофскиот филмски фестивал е еден од ретките филмски фестивали во светски рамки што продуктивно ги истражува плуриперспективните димензии на релацијата меѓу филозофијата и филмот.