Мојата приказна во Љубљана започна кога ја добив стипендијата на CEEPUS за размена на студенти, во мојот случај стануваше збор за седуммесечен престој на Правниот факултет во Љубљана. Искуство, кое ме натера да го засакам ова место толку многу, што одлучив тука да живеам.
Словенија е прекрасна земја. Се е на свое место, па дури и студентите живеат убаво. Како студент на македонски универзитет и дете од македонски студентски дом, моите очекувања пред доаѓањето тука беа големи, но реалноста беше многу поубава.
Во Љубљана има вкупно 28 студентски домови изградени во раните 60-ти години на минатиот век, но во постојано реновирање. Тие се распоредени во зависност со близината на факултетите. Јас бев сместена во студентски дом Ilirski Dom, кој се наоѓа во центарот на градот на оддалеченост од пет минути одење пеш од Правниот факултет и десет минути од Медицинскиот факултет. Во тој дом се сместуваат само правници и медицинари.
Што се однесува до забавниот живот во студентските домови, тој е секаде различен. Во мојот случај, бидејќи сите станари беа студенти по право и медицина, забавите беа многу ретки, но затоа кој сакаше забава, одеше во главниот студентски центар Rožna Dolina, кој се наоѓа во поосамен дел од градот и кој има 14 згради. Таму се сместени сите Erasmus студенти.
Очекував дека ќе имам средена соба со нов инвентар (не како она искршено биро што го имав во СД Гоце Делчев), ама не очекував дека ќе живеам во студентски апартман со кујна, сите потребни апарати за домаќинство вклучувајќи и перална со човек кој секојдневно ќе се грижи за хигиената во собата!
Исто така, тука би ја споменала и безбедноста во студентските домови. Никој не може да влезе непоканет и нелегитимиран, а уште помалку да проба да влезе во соба со речиси блиндирана врата (утопија за македонските студентски домови каде вратите паѓаат при отварање).
Да не ги споменувам бесплатниот интернет во секој студентска соба и на секој факултет, достапноста до огромен број на книги од сите библиотеки во државата и пристапот до онлајн библиотека каде има човек кој е 24/7 задолжен да помага во наоѓањето на потребните информации и книги.
Во однос на тоа кој и колку се плаќа, Словенија има развиено политика „на секој Словенец студент во студентски дом“. И Секој Еразмус и CEMEPIUS студентите на размена ја уживаат таа привилегија, но за жал другите студенти од туѓина немаат ваква можност. Во овој случај, македонските студенти се сместуваат во приватни домови кои не се субвенционирани од државата, разни апартмани и слично. Во државен студентски дом, трошоците се движат од 60 до 120 евра во зависност од типот на собата и локацијата на објектот, што е прифатлива цена во однос на овдешниот стандард и стипендиите кои се земаат. Туѓинците, пак, плаќаат од 130 до 180 евра. До пред некоја година и странските студенти кои редовно студираа на државните универзитети земаа скромна стипендија, но за жал, тие парични средства за нив се укинати.
Но и тоа не е така лошо, бидејќи во Словенија како и во многу други европски држави, студентите имаат право да работат и да заработат за плаќање на своите студии. Развиен е систем на студентска работна дозвола (študentska napotnica) која им овозможува на студентите да работат до 35 часа неделно во ресторани, кафулиња, маркети но и во институции и фирми каде можат да си овозможат практична работа поврзана со студиите.
Прехраната е субвенционирана од државата со плаќање во студентски бонови. Бидејќи не постојат класични мензи, студентите јадат во речиси сите ресторани, пекари и маркети на попуст. Еден класичен оброк чини од 1 до 2 евра, а доколку сакаш да посетиш некој од специјалните азиски, кинески или мексикански ресторани, бонот е малку поскап од вообичаено, но тој чини најмногу 4 евра.
Она што мене ми фалеше додека бев студент во Македонија е постоењето на студентска организација која ќе биде непартиска, независна и наменета за студентите. Тоа го најдов тука. Постои силна студентска организација, ŠOU, и други студентски матични организации на секој факултет каде се делат информации – од најобични студентски забави и попусти, до организирање на екскурзии, гледање филмови на отворено, предавања од странски стручни лица до финансирање на мали студентски проекти – повторно утопија за кај нас!
И, Македончето во целата приказна го носи синдромот на типичен македонски студент…веќе знаете на што мислам… пасивност, апатија кон социјално (не)формално здружување. Да не ми замерат нашиве тука (секоја чест на исклучоците) но, мнозинството од нив се незаинтересирани за социјално здружување во смисла на работење за македонска кауза или воопшто младинско работење!
Искрено првите впечатоци од кога дојдов ми беа: добро, има голем број на македонски студенти на редовни студии и размена, би можеле да се здружиме и да работиме на проекти, да правиме активности поврзани со студентскио живот, и да ги искористиме можностите кои се нудат (ЕУ фондови, национални мали и големи грантови за студентски иницијативи и сл.). Тоа прашање го поткренав додека бев практикант во македонската амбасада во Љубљана. Делумно беше успешно, но оваа година ќе се потрудам да сменам барем нешто од тој наш менталитет и да работам со оние Македонци кои барем малку покажуваат иницијатива за промени.
Lep pozdrav iz Ljubljane!
Љупка Јовановска, МОФ дијаспора