Оваа година двапати бев тестатор на екстерни тестови за државна матура и двапати истиот случај:
– Се препишува и тоа го овозможува целиот систем, од министерство се до оперативни единици (наставници, класни раководители, хигиеничари итн.)
– Голем број на ученици, ќе се стекнат со статус завршено средно образование, а да речеме во групата кадешто јас „вардев“, на испитот по мајчин јазик (оној за кој „ратуваме“ со оние кои не го признаваат) не знаеше како се пишува буквата „х“ ракописно
– Никој ама никој не сака да учествува во оваа шарада, од министри, се до хигиеничари и назад, да не зборуваме за учениците, кои дури ни во сопствените животи не сакаат да учествуваат, ама јбг, модерно било тоа
Затоа предлагам:
– Наместо задолжително средно образование, тоа да си се врати да стане незадолжително, навистина има „деца“ со по 18 и 19 години кои не треба да се во траекторијата на образовните скалила после основното образование, нека се спукаат некои работнички универзитети и по еден занает, ќе вадат повеќе пари отколку другите – ИМ ГАРАНТИРАМ.
– Наместо државна матура со екстерно тестирање, системот, оттука и наставниците и цел персонал, да ги охрабруваат учениците да се полагаат училишна матура, ем полесна, ем помалку брукање, ем помала логистика
– Државна матура да можат да положат само оние кои во текот на 4 години средно образование и на училишната матура покажале висок успех и се мотивирани за образование, наука и развој. Овој вид на матура не смее да се одржува во просториите на училиштето во коешто учат учениците, со цел да се избегнат импликациите – препишување и провалување на тестовите, да не зборувам за класни раководители кои влегуваат во училниците и им наложуваат на тестаторите да премижат вишок телефони.
– Да се воведе приемен испит на факултетите во државава, не само во однос на познавање на општи работи поврани со струката, туку и интервју, каде професорот ќе разговара со потенцијалниот студент и ќе направи профил и проценка. Јас доколку би интервјуирал некого, на пример, доколку некој сељо, нема да го примам на факултет дури и да има 5.00 просек во средно
– Да се реформира целокупното образование од основно до средно, да се стави акцент на образовниот карактер, исто колку и на социјалниот карактер на училиштата, особено средното, да се вработуваат повеќе психолози, социјални работници, да се подигнат критериумите на настава и оценување, да им се забрани на родителите да замараат за оценки, и да се мотивираат учениците да вклучат мозок во каква била животна операција
Во мое време, ако некој те фатеше да препишуваш, ќе се засрамеше и ќе поцрвенеше, не од шо те фатиле на препис, туку од шо немаш научено, од шо си тиквар. Сега, не можеш телефонот да им го земеш од рака на државна матура.
Се надевам дека ваквата сорта на луѓе, нема да облече бел мантил и да лекува по болниците.