Компаниите за криптовалути ќе мора да ги предупредуваат потрошувачите во Велика Британија дека не треба да очекуваат заштита доколку нивната инвестиција има непосакуван исход, а ќе се воведе и „период на ладење“ за оние кои првпат инвестираат.
Агенцијата за финансиско однесување (ФЦА), соопшти дека од 8 октомври сите компании кои промовираат крипто-производи или услуги ќе мора да имаат јасни предупредувања за ризик во нивните реклами. Од ФЦА како пример за такво предупредување би било да се известат потрошувачите „да бидат подготвени да ги изгубат сите пари кои ги инвестираат“ и дека не треба да очекуваат заштита „доколку нешто тргне наопаку“.
Компаниите кои рекламираат крипто-средства, меѓу кои и криптовалутите како биткоинот, ќе мора да понудат пауза за новите инвеститори кои бараат да инвестираат во нивните производи. Истовремено ќе биде воведена и забрана за давање бонуси доколку привлечете ваши пријатели или познаници кон продуктите на криптокомпанијата.
Според Шелдон Милс, од ФЦА, потрошувачите мора да сфатат дека крипто индустријата останува генерално нерегулирана и дека без безбедносна мрежа инвеститорите се изложени да ги загубат сите свои пари.
„На луѓето е да одлучат дали ќе купат крипто. Но, истражувањата покажуваат дека многумина зажалуваат од носење на брзоплета одлука. Нашите правила ќе овозможат луѓето да ги добијат потребните предупредувања за ризик и да имаат време да донесат информирана одлука“, вели Милс.
Од ФЦА велат дека истражувањата покажуваат дека бројот на сопственици на крипто-средства во Велика Британија е повеќе од дуплиран меѓу 2021 и 2022 година. Според податоците, 10% од анкетираните изјавиле дека имаат крипто-средства.