Општина Аерродром соопштува дека по завршувањето на јавната анкета и комплетирање на процесот за изготвување нов Детален урбанистички план (ДУП) за дел од населбата Лисиче, во тек е постапката за ревидирање на истиот во согласност со забелешките кои пристигнале од граѓаните.
„Втората верзија на овој ДУП се изработува откако комисијата за урбанизам ги разгледа и ги прифати најголем дел од забелешките во рамките на јавната анкета која се спроведе изминатиот период“, велат од општината.
По завршување на оваа фаза, дополнуваат тие, Општина Аеродром ќе објави нова ревидирана верзија на Деталниот урбанистички план.
„Интересот на граѓаните е приоритет во носењето на одлуките во Општина Аеродром, вклучително и оние од областа на урбанизмот. Одлуките кои ги носиме како општина имаат цел решавање на клучните проблеми и подигнување на квалитетот на живеење во општината, за што клучна улога има дијалогот и отворената постапка на носење одлуки во согласност со потребите на граѓаните“, стои во соопштението.
Инаку, Иницијативата Да го зачуваме Лисиче преку социјалните мрежи деновиве повика на протест против бетонизација на Лисиче, најавен за утре (14 јуни) од 17:30 до 19 часот на крстосницата на булеварот „12. Македонска бригада“ и булеварот „Србија“ (кај крстот).
„Со протестот го изразуваме нашето незадоволство со новиот Предлог-ДУП за градска четврт ЈИ09 блок 09.01 во нашата населба. Предложениот спорен ДУП не го заштитува јавниот интерес и интересите на жителите на нас. Лисиче, со него ќе се наруши спокојниот живот и ќе има негативни последици за населбата, ќе го зголеми загадувањето, ќе го влоши здравјето и квалитетот на животната средина“, стои во повикот.
Иницијативата Да го зачуваме Лисиче во мај организираше протестен собир пред Општина Аеродром, а претходно имаше и петиција против ДУП во Лисиче. Иницијативата посочи дека доколку се донесе и се спроведе предложениот ДУП за Лисиче, ова нема да биде населба со семејни куќи, туку во неа ќе изникнат дури девет згради, од кои една 11-катница и три на седум ката.
Петиција беше потпишана од над 700 жители и доставена до градоначалникот Тимчо Мицунски и до службите на Општина Аеродром, до градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за транспорт и врски и до Народниот правобранител.