Соопштението на Општина Аеродром претставува обид ефтина манипулација со јавноста, велат од иницијативата Да го зачуваме Лисиче.
„Денес Општина Аеродром искочи со соопштение дека наводно дел анкетните листови за предлогот ДУП-от за градска четврт ЈИ О9 01 се ‘прифатени’. Ние жителите на Населба Лисиче сметаме дека ова е обид за манипулација на јавноста, пред утрешниот Протест против бетонизација на Лисиче. Нема да отстапиме од нашите барања за поништување на спорниот предлог ДУП и принципот дека во Лисиче НЕМА место за ЗГРАДИ. Се гледаме утре на ПРОТЕСТ 17:30 кај крстот“, пишаа од иницијативата на социјалните мрежи.
Инаку, Општина Аеродром соопшти дека по завршувањето на јавната анкета и комплетирање на процесот за изготвување нов Детален урбанистички план (ДУП) за дел од населбата Лисиче, во тек е постапката за ревидирање на истиот во согласност со забелешките кои пристигнале од граѓаните.
„Втората верзија на овој ДУП се изработува откако комисијата за урбанизам ги разгледа и ги прифати најголем дел од забелешките во рамките на јавната анкета која се спроведе изминатиот период. По завршување на оваа фаза, Општинате ќе објави нова ревидирана верзија на Деталниот урбанистички план“, се вели во соопштението на Аеродром.