Во просек, најголем дел од младите поминуваат од 3 до 6 часа дневно на интернет. Над 80% користат социјални медиуми, а најпопуларен е Инстаграм. Повеќето сметаат дека е безбедно онлајн да се споделува името и презимето, а истовремено 84% се согласни дека лозинките треба да бидат уникатни и редовно да се менуваат, за да се заштитат онлајн акаунтите. Исто така, над 60% гледаат потреба од дополнително образование за заштита на приватноста на податоците.
Ова се дел од резултатите од истражувањето „Младите и дигиталната писменост“. Резултатите беа презентирани во рамки на проектот „Поддршка на изборни реформи” на владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).
Во првиот дел, квантитативниот, во истражувањето се вклучени 1.067 испитаници меѓу 14 и 24 години, кои освен социјалните мрежи, онлајн просторот го користат и за комуникација (75,9%), слушање музика (42,9%), а потоа за истражување и учење (17,1%), играње (16,8%) и гледање филмови или ТВ емисии (15,7%).
Во однос на приватноста на податоците на интернет, 9,8 % одговориле дека целосно се запознаени со ваквиот концепт, 45% се запознаени, а 10,3% не се запознаени.
Под лични податоци, 31,5% подразбираат дека тоа се име и презиме, 24,2% сметаат дека тоа е матичниот број, 19,3% – податоци кои се однесуваат на една личност, 16,5% – адреса на живеење, а 15% – телефонски број.
Од аспект на нивото на загриженост, 41% сметаат дека имаат контрола врз нивните лични податоци, 23% го мислат спротивното, додека 33% не се сигурни.
Повеќето од младите сметаат дека се внимателни со податоците што ги споделуваат на интернет, но и дека е потребно дополнително образование за заштита на податоци.
Од испитаниците, 66,4% одговориле дека родителите не им поставиле правила или ограничување за користење интернет, а исто над 60% се на ставот дека родителите се добро информирани за безбедноста на онлајн просторот. 94% никогаш не добиле обука на темата за приватност на податоци.
Вториот дел на истражувањето е она квалитативното, реализирано преку 12 фокус-групи, со поединци од 14-17 и 18-24 години, притоа биле вклучени учесници од урбани и рурални средини од сите региони.
Според истражувачите, учесниците изразиле загриженост за трети страни кои ги гледаат нивните приватни информации и потенцијалната злоупотреба на личните податоци.
„Речиси сите учесници имаат затворени сметки (акаунти) и веруваат дека тоа обезбедува чувство на сигурност, иако го признаваат ризикот споделување на приватни податоци. Хакирањето е специфична грижа за учесниците, особено потенцијалното изложување на приватни пораки со блиски пријатели. Учесниците се претпазливи во врска со споделувањето лични информации како телефонски броеви и адреси, но тие сепак ги споделуваат за специфични цели, како што се креирање акаунт на Инстаграм или купување преку Интернет. Момчињата имаат тенденција да користат лажни имиња и адреси за е-пошта и за игри, додека кај девојчињата постои поголема можност да ги користат нивните вистински имиња и адреси на е-пошта“, стои во истражувањето.
Во однос на споделувањето лични информации, учесниците лесно ги дистрибуираат само името, презимето и адресата на е-пошта, ги сметаат овие информации како информации од јавен карактер и достапни за другите.
„Адресата на живеење, локацијата, личните фотографии, личниот телефонски број, личните документи и банкарските сметки ги гледаат како приватни податоци“, се вели во документот.
Учесниците имале јасно разбирање за тоа кои типови на податоци не треба да се објавуваат на интернет, и тие носат свесни одлуки за тоа што споделуваат.
„Врсниците и постарите роднини, браќа, сестри и братучеди се главниот извор на информации за приватноста на податоците на интернет, покрај родителите. Читањето политики за приватност не е вообичаена практика меѓу учесниците, освен за платформите за кои имаат малку информации или ретко ги посетуваат. Учесниците ја признаваат потребата од поголема едукација за приватноста на податоците на интернет, особено во училишната програма“, стои во документот.
Дополнително, учесниците биле свесни за ризиците и потенцијалните последици од непромисленото онлајн однесување. Исто така, веруваат дека имаат повеќе знаење за приватноста на податоците на интернет отколку нивните родители, па дури и нивните наставници.
„Некои учесници разговарале на темата со своите родители, додека други учеле од постари роднини, браќа и сестри или братучеди. Вклучувањето на родителите и едукацијата за приватноста на податоците на интернет се сметаат за важни од учесниците, но тие сметаат дека нивните родители немаат знаење за оваа тема“, се вели во документот, каде е потенцирано дека сите учесници не биле запознаени со постоењето на Агенцијата за заштита на лични податоци.
Бојан Шашевски