Вечерва (16 јуни) во мултимедијалниот објект „Мала станица“ во 20 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии од учесниците на Меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“.
„Ова е единствена можност кај нас да се видат неверојатно храбри, експериментални и естетски издржани дела од најразлични фотографски техники, од едноставни цијанотипии до оригинални колодиумски стакла од огромен формат и многу различни експерименти измеѓу. Низ целата селекција провејува еден модерен, ведар и луциден дух на современата светска фотографија, ослободена од вештачки наметнатите стеги на медиумот, од минатиот век“, се вели во најавата.
За изборот на 120 дела од сите фотографии што пристигнале на отворениот повик било задолжено осумчлено меѓународно жири во состав на Ивана Томановиќ, од Академијата за уметност во Нови Сад, Наталиа Копкина од Финскиот „даркрум“ институт, Емил Киндлајн од Аналогманиа-Темишвар/Виена, Дино Рекановиќ Ротлихт фестивал-Виена, Стиг Марлон Вестон алтернативен фотограф од Осло, Сашо Алушевски претставник од Зрно фестивалот, Бруна Валенца од Сао Паоло и Емилија Сандиќ од Академија за уметност во Нови Сад.
Следно на програмата на „Зрно“ е изложбата Жозеф Мариа Рибас Прус, најнаградуваниот шпански ФИАП фотограф и Дамиан Диаконеску, фотограф од Темишвар, мајстор на бројни аналогни и алтернативни процеси со невидена естетика. Организаторите информираат дека дијалогот на овие два автори, ќе можете да се проследи на 20 јуни во Културно информативниот центар во Скопје од 20:30 часот.
Вечерашната изложба на 8 јули се сели во Офицерскиот дом во Битола, а потоа од 10 до 16 јули во просториите на уметничката колонија Де Ниро во село Ципари ќе се одржат работилници за седум алтернативни фотографски процеси.
„Пријавените учесници на работилниците се една прекрасна шарена комбинација од најразлични вљубеници во фотографијата ширум Европа и една учесничка од САД“, велат од Фестивалот.
На 14 јули – отворениот ден на Фестивалот, во Кино Манаки во Битола со почеток во 20 часот, професорот Роберт Јанкулоски ќе одржи претставување на делото на браќата Манаки, изложба на нивни фотографии а потоа ќе биде прикажан и филм за нивниот живот и дело.
Програмата на „Зрно 2023“ ќе заврши со изложување на дел од делата кои ќе настанат на работилниците.
Првото издание на „Зрно“ се одржа минатата година, а повеќе за тоа погледнете во видеото во продолжение: