Граѓаните на Швајцарија на вчерашниот референдум го одобрија зголемувањето на минималниот данок за компаниите и Законот за климата, чија цел е до 2050 година да се намали употребата на фосилни горива и нула емисии, пренесува Данас.
Речиси 80 отсто од оние кои гласаа на националниот референдум го поддржаа зголемувањето на деловниот данок во земјата на 15 отсто, од сегашната просечна минимална стапка од 11 отсто, додека Законот за климата беше поддржан од 59 отсто од гласачите.
Во 2021 година, Швајцарија беше меѓу речиси 140 земји што го потпишаа договорот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за одредување минимална даночна стапка за големите компании, што треба да ја ограничи практиката на префрлање на добивката во земји со ниски даночни стапки.
И со ова зголемување, Швајцарија ќе има една од најниските стапки на корпоративни даноци во светот, а новиот закон, кој се проценува дека на државата ќе и донесе дополнителни приходи од 2.5 милијарди франци годишно, е поддржан од бизнис групи, повеќето политичките партии и јавноста.
Законот за климата, кој беше вратен во изменета форма откако беше отфрлен во 2021 година како прескап, предизвика многу повеќе дебата во последниве недели со оние кои беа против неговото усвојување.
Поддржувачите на законот велат дека тоа е минимумот што една богата земја треба да го направи за да ја докаже својата посветеност во борбата против климатските промени, додека противниците од десничарската Народна партија тврдат дека тоа ќе ја загрози енергетската безбедност.