Темите од областа на политичкото образование во образовните програми за основно и средно образование се дисперзирани во повеќе предмети како граѓанско образование, социологија и вовед во право. Ова го покажува Анализата за политичкото образование во Северна Македонија која беше презентирана денеска, а каде се водеше и експертска дебата на истата тема.
Во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД), а во рамки на соработката со Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО) при кабинетот на Претседателот Пендаровски, на настанот беше наведено дека кај младите постои сериозен авторитарен полнеж, особено кога се работи за вредности кои тангираат етнички/национални теми или демократско управување со државата.
Дополнителен индикатор, кој ја укажува потребата од политичко образование, како што посочуваат организаторите, се наодите од истражувањата на Вестминстер според кои дури 57% од младите не се воопшто заинтересирани и не ги следат политичките настани.
Министерот за образование и наука Јетон Шакири рече дека во тек е најкрупната реформа на основното образование што досега се случила во земјава.
„Се воведуваат повеќе изборни предмети согласно интересите и афинитетите на учениците. Целата реформа е проектирана за да ги насочува младите повеќе да учат за демократијата, за мултикултурализмот, ги учи да бидат толерантни и по мирен пат да решаваат конфликти, како и да ги почитуваат различностите“, посочи Шаќири.
Оттука, тој дополни и дека се согласни со Бирото за развој на образование дека е потребно унапредување на политичкото образование и негово воведување во погорните одделенија и средните училишта што, како што посочи, очекуваме да биде воведено во учебната 2024/2025.
Директор на Бирото за развој на образование Зекирија Хасипи посочи дека отпочнатите реформи во образованието нема да бидат целосни без политичкото образование.
„Бирото активно се заложува за воведување на политичкото образование во образовниот систем. Политичкото образование е важно од повеќе причини бидејќи ја развива граѓанската свест и ги поттикнува младите да бидат активни граѓани, да формираат политичко мислење, да анализираат политички идеи и идеологии, да учествуваат во јавниот живот, да ги анализираат политичките процеси и одлуки и да формираат лични ставови. БРО се залага што повеќе содржини од политичко образование да се интегрираат во предметите од редовната настава“, рече Хасипи.
Според професорот Ненад Марковиќ недостатокот од соодветна политичка социјализација кај младите, како и општиот недостаток на демократски капацитет на македонското општество негативно влијаат врз ставовите и вредностите на сите возрасни групи, вклучително и младите.
Во меѓувреме, професорот Иван Дамјановски рече дека воведувањето на предметот Политичко образование во сите средношколски установи, како и инвестирање во квалификуван наставен кадар се најважните фактори кои ја зголемуваат ефективноста на политичкото образование врз политичката култура, демократската свест и политичката партиципативност кај младите.
Директорката на ВФД во Северна Македонија Дона Костуранова заклучи дека инвестирањето во политичкото образование на младата генерација е неопходно за да се обезбедат услови за демократски развој, граѓанско учество и грижа за политичките и за граѓанските слободи и права денес и во идината.
„Потребно е воведување на содржини од областа на политичкото образование во средните училишта, за средношколците да бидат информирани и ангажирани граѓани“, смета Костуранова.
Препораките во анализата се фокусирани на следење на образовните состојби и развојот на вештини кај учениците со цел надградување на образовните содржини и давање на поддршка на останати пристапи кои директно влијаат на политичката писменост како ученичко и младинско организирање и медиумска писменост.
Анализата е изработена на почетокот на 2023 година, како активност на ВФД и Претседателскиот Центар за политичко образование, во рамки на проектот „Практикувај Демократија“ финансиран од Британската Амбасада.