Младите ги користат социјалните мрежи за четување и видеа, ама не и за општествен активизам

Споделување на видеа од пребрзо возење на автомобили или мотори, од опасни предизвици како што е качувањето на тинејџери по железнички вагони или од глорифицирање на меѓусебни врснички тепачки или насилници. Вакви не толку забавни, а повеќе опасни видеа постанаа речиси секојдневие што може да се погледне на социјалните мрежи кај нас и го поставуваат прашањето за што на младите им служат социјалните мрежи и како го користат времето поминато на интернет во текот на денот, пишува Мета.

Последните податоци од истражувањето на Меѓународната федерација за изборни системи (ИФЕС) – „Младите и дигиталната приватност во Северна Македонија“ говорат дека младите во Македонија го употребуваат интернетот за користење на социјалните медиуми (92,3 отсто), за комуницирање (89,2 отсто) и за слушање музика (74,2 отсто). Речиси половина од младите во земјава седат на интернет за забава (гледање филмови или телевизиски шоуа).

Анкетата на ИФЕС е спроведена врз национален репрезентативен примерок од 1.067 испитаници, а била спроведена во периодот од 20 април до 2 мај 2023 година. Во ова истражување биле вклучени млади на возраст од 14 до 24 години кои живеат во 46 рурални и урбани општини.

На прашањето „За што го користите интернетот?“, 41,2 отсто од младите рекле дека го употребуваат за истражување и учење, додека 18,9 отсто за вести и актуелни настани. Истражувањето покажува и дека само 11,6 отсто од младите рекле оти интернетот им служи за работа и продуктивност, додека 6,4 отсто од младите одговориле дека пристапуваат кон школски онлајн документи и за учење.

Користењето на социјалните медиуми, комуницирањето и слушањето музика се трите вообичаени активности кои убедливо мнозинство од младите вообичаено ги прават на интернет, додека само 17,1 отсто од анкетираните млади рекле дека интернетот редовно им служи за истражување и учење.

Квантитативното истражување на ИФЕС покажува дека 85,6 отсто од младите го користат Инстаграм секојдневно, додека 76,1 отсто од младите на возраст од 14 до 24 години се на Фејсбук секој ден. Мнозинството млади (50,9 отсто) одговориле дека секојдневно го користат Јутјуб, а 45,3 отсто се на ТикТок.

Многу слични податоци објави пред неколку месеци и Државниот завод за статистика за користењето на информатичко-комуникациските технологии во домаќинствата и кај поединците за 2022 година, кои покажуваат дека сите млади на возраст меѓу 15 и 24 години го користат интернетот во своето секојдневие, но занимливи се податоците за какви намени се користи интернетот.

Според статистичките податоци, над 90 отсто од младите лица го користат интернетот за телефонирање и видео повици преку веб-камера или употреба на апликации, за испраќање на пораки и други содржини преку Фејсбук, Твитер или за размена на инстант-пораки преку Скајп, Вибер, Вотсап и Месинџер.

Наспроти ваквото користење на интернетот, само 5,7 отсто од младите се одлучиле да учествуваат во онлајн консултации или да гласаат за дефинирање на политички и граѓански проблеми, како што е на пример, потпишувањето на онлајн петиции. Истовремено, 27,5 отсто од младите изразиле мислење за одредено граѓанско или политичко прашање на веб-страница или на Фејсбук, Инстаграм, Твитер или на некоја друга социјална мрежа, се наведува во податоците на Државниот завод за статистика.

Недостига предметот „Демократско-граѓанско образование“

Досегашниот претседател на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ за Мета.мк вели дека статистиката е всушност одраз на реалната состојба на терен, и тоа како во вистинскиот живот, така и во дигиталниот свет.

„Во Македонија бројот на општествено активни млади е многу мал. Владее апатија и незаинтересираност, но и разочараност – луѓето ја губат надежта дека решавањето на проблемите е можно“, потенцира Павиќевиќ.

Тој додава дека младите денес се многу поактивни на Инстаграм отколку на Фејсбук, при што на Инстаграм првенствено се споделуваат фотографии од луѓе, храна, патувања и други забавни теми.

Павиќевиќ додава дека неретко се случува политичките и граѓанските проблеми не само во нашата земја, туку и на глобално рамниште, да бидат претставени на Инстаграм преку т.н. „објаснувачи“, кои целат да им ги објаснат настаните на помалку упатените, но често пати се случува материјалот да не биде претставен енциклопедиски и објективно, туку да содржи само едно мислење и може да доведе до едноумие ако ваквите поединци им се единствен извор на информации на младите.

Од Сојузот на средношколците предлагаат воведување на нов предмет во македонскиот образовен систем наречен „Демократско-граѓанско образование“, кој ќе ги стимулира поединците да прераснат во активни, информирани и одговорни граѓани што ќе се вклучат во општествено ангажирани прашања. Исто така, тие предлагаат законско регулирање на средношколското организирање и учество, како би имале системски механизам којшто ќе ги вклучува младите во носењето на одлуки.

„Ни недостасува искреност во јавните настапи на чинителите во општеството. Заложбите за младите се сведуваат на реторика, а конкретни дејства не се преземаат. Ниту пак на младите се гледа како на приоритет иако иселувањето само се зголемува“, дециден е Лука Павиќевиќ.

Од Сојузот на средношколци го даваат нивното лично искуство со двата предлог-закона што ги имаат доставено до Собранието на РСМ, а за кои досега имаат добиено единствено игнорантски однос.

„Ние ги напишавме самите текстови, а на пратениците им останува истите да ги ревидираат и да ги донесат. Месеци и месеци поминаа, а закониве не се ни внесени во собраниска процедура, а камоли донесени и стапени на сила. Истовремено сведочиме дека други приоритетни решенија експресно се носат. Сојузот смета дека младите се доволно охрабрени да говорат за значајни теми, но индиферентноста на клучните опшествени чинители ги разочарува и ги прави апатични, цинични и скептични“, додава Павиќевиќ.

Од друга страна, дигиталното учество на младите е мошне важно за овие процеси бидејќи ја елиминира географската дистанца како пречка за вклучување на што повеќе млади луѓе во значајните општествени прашања. Павиќевиќ го наведува примерот со сајтот на Единствениот електронски регистар на прописи на РСМ (ЕНЕР), за која смета дека е добра алатка за граѓаните, но истата треба да биде доближена и до младите.

„Знаеме дека УНИЦЕФ ја спроведува т.н. U-Report анкета преку група на Вајбер. Оттука, сметаме дека ваквите примери треба да се охрабрат и да се зголемат во нивниот обем“, посочува Лука Павиќевиќ.

Младите се маргинализираат во нашето општество

Комуникологот Бојан Кордалов смета дека кај нас генерално постои недоволно прифаќање и користење на дигиталната писменост кај сите возрасни групи, каде предничат возрасните.

„Во однос на младите, мислам дека тоа се должи на недовербата која изразено ја имаат во домашните институции на сите нивоа, од едноставна причина што почнувајќи од образовните, институциите на локално ниво, па се до оние централните, речиси ниедна не е прилагодена на потребите, очекувањата и навиките на младите луѓе. Тоа понатаму се рефлектира на губењето на желба за секаков активизам на младите во општеството“, го објаснува Кордалов прашањето за немањето интерес да бидат општествено активни и да направат конкретни промени.

Кордалов додава дека маргинализацијата на младите и постојаното користење на тонови од типот „новите генерации се слаби“ или „немаат вештини и квалификации“ ќе ги отргне младите од организациите, институции или партиите, бидејќи е логично да бараат друго место каде ќе се реализираат.

„Промената треба да почне од секој од нас. Или, ако се делиме на млади и возрасни, промената е неопходно да почне од возрасните. Тоа значи, организациите, институциите, компаниите, партиите… сите субјекти да се отворат кон младите како нова сила која сака, бара и треба да ѝ се дозволи да направи радикални промени. И второ сите овие субјекти, во прв ред јавните институции мора брзо да се дигитализираат бидејќи срамота е, лошо е за економскиот развој на секој човек во 2023 година уште да се бориме за можност некоја услуга, која сами ја плаќаме од мобилен телефон, да се заврши од мобилен телефон и за неколку секунди“, порачува Кордалов.

Мета