Во петок (утре) во Младинскиот културен центар ќе се одржи промоција на стихозбирката „Добрината ги раздвојува денот и ноќта“ на Марија Дејановиќ од Хрватска.
Промоцијата ќе започне во 20 часот, а промотор на книгата ќе биде Ѓоко Здравески, а модератор Јулијана Величковска.
„Станува збор за третата збирка од поетесата што веќе се покажа (а со новиот наслов и го потврди тоа) како еден од најинтересните регионални поетски гласови. Се наоѓаме пред творба со нагласено поотворен и покомуникативен тон отколку што беше нејзиниот првенец „Етика на лебот и коњот“, во која во автобиографски и наративен тон се зборува за односот на просторот и идентитетот, за заминувањата и доаѓањата, за прашањето за потеклото и свртувањето кон минатото и барањето одговор во рекапитулацијата на сегашниот и минатите мигови“, вели Никола Јелинчиќ за стихозбирката.
Зорана Симиќ пак вели дека Дејановиќ успева да го одржи високото ниво на квалитет на својата поезија.
„Не одрекувајќи се притоа од силната мелодичност и впечатливите поетски слики, кои сега се неретко нурнати во топлиот медитерански штимунг, проникнати со подлабока (благо еротизирана) атмосферичност, со боите на морето, рибите, портокалите и сонцето. Нејзиниот осамен субјект посоголено се конституира во својата постојана недофатливост и во потрагата по сопствениот идентитет, созревајќи кога е збор за односот кон љубеното битие, ама не прифаќајќи ги, сепак, илузиите на апсолутното или вечното припаѓање“, вели Симиќ.
Изданието „Добрината ги раздвојува денот и ноќта“ е поддржано од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска.