Романот „Водни тела“ на Ана Аврамовска и збирката раскази „Вечерен автобус“ од Стефан Алијевиќ се меѓу наградените на годинешниот регионален избор „Штефица Цвек“ за ангажирана феминистичка и квир книжевност.
„Станува збор за книжевни текстови кои на вистински бунтовен начин обработуваат феминистички и квир теми“, велат од „Штефица Цвек“.
Наградите додели жири-комисија во состав на книжевните критичарки и бунтовни читателки Грација Атанасовска, Ивана Дражиќ и Маја Абаџија.
„Ана Аврамовска е млада писателка чиј прв роман успешно ја обработува темата на актуелната (локална) еколошка катастрофа, тематизирајќи ги проблемите со загадениот воздух и со губењето на значајните природни предели во нејзиното родно Куманово. Преку своите протагонист(к)и таа ја нагласува важноста на пријателството и на взаемната грижа, кои неминовно ја надминуваат
средината во која живеат. Оваа екокритичка перспектива, со доза магичен реализам, е редок пример во современата регионална книжевност и е вистинско освежување за македонската – и пошироко – екс-југословенската и балканската книжевна сцена“, стои во образложението на жирито за наградата на Аврамовска.
За збирката на Алијевиќ се вели дека е одлично дебитантско дело кое комбинира автофикциски и фиктивен наратив.
„Со јасен и едноставен јазик, Алијевиќ успешно обединува различни теми, почнувајќи од сеќавањата на детството, релацијата на квир момчето со неговите баби, до општествените очекувања за наметнатите родови улоги. Како збирката што напредува, се чини дека добива сè поголем замав и продолжува со потресни приказни кои говорат за насилството и предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТИ луѓето, како и другите малцински групи во конзервативните и малограѓанските средини“, велат од жирито на „Штефица Цвек“.
Покрај Аврамовска и Алијевиќ со признанија за здобија и Дуња Матиќ за романот „Мировање“, Маја Солар за стихозбирката „А хтела сам“, Оља Савичевиќ Иванчевиќ, за романот „Лијета с Маријом“, Селма Асотиќ за збирката поезија „Реци Ватра“ и Желимир Периш за збирката раскази „Грација од чемпреса“.