Во пресрет на повторното отворање на Центарот во Старата скопска чаршија и одржувањето на петтиот по ред Марш на Толеранција, ЛГБТИ Центарот за поддршка и Хелсиншкиот Комитет за човекови права, со поддршка од Front Line Defenders (ФЛД), ја изработија радио кампањата „Македонија има љубов за сите“.
Кампањата е фокусирана на осуда на насилството и давање поддршка на ЛГБТИ луѓето.
„Најважно од сѐ е тоа што во овој процес на заживување на ЛГБТИ заедницата и продолжување на борбата за еднаквост, ЛГБТИ заедницата не се уплаши и не потклекна пред котинуираните напади, туку напротив, во поголем број, многу посилна и со гордост излегува јавно да ги бара своите права“, соопштуваат од Хелсиншкиот комитет.
Од Front Line Defenders (ФЛД) за лансирањето на оваа кампања велат дека во ниедно општество не смее да има простор за насилство и дискриминација врз ЛГБТИ заедницата.
„Употребувајќи го радиото за да допре до поголем број слушатели, оваа кампања може да помогне во промената на јавниот дискурс и да ги притисне властите да го превенираат насилството и да оние кои ги извршиле насилничките дејства бидат повикани на одговорност“, порачуваат од ФЛД.
Програмскиот директор на ЛГБТИ центарот за поддршка, Кочо Андоновски изјави дека со насилство, закани и непостапување на институциите, некој сака да го запре ЛГБТИ активизмот и да го запре процесот на заживување на ЛГБТИ заедницата во Македонија.
„Оваа кампања е нашиот одговор. Не е одговор само од ЛГБТИ Центарот, не само од активистите, туку од целата заедница: нема да запреме! Назад нема! Попусти се заплашувањата и притисоците, тие не прават уште посилни и порешителни да продолжиме со нашата борба за постигнување на еднаквост“, рече Андоновски.
Освен на неколку радија, видеата од кампањата може да се погледнат и споделуваат преку следниот линк.