Разговаравме со Сеида Бегановиќ, наградувана писателка која дипломирала на филозофскиот факултет во Сараево, Босна и Херцеговина, како и на Катедрата за филозофија и социологија. Работела како новинарка, професорка по филозофија, социолог аналитичар, драматург, преведувачка.
Живее и работи во Скопје, Македонија, како слободна уметница. Во литературните списанија објавувала кратки раскази, приказни за деца, поезија и преводи на поезија од македонски, полски, руски и англиски јазик. Нејзината поезија е преведена на англиски, полски, руски, албански, азербејџански, дански и турски јазик.
Во разговор со Радио МОФ, Бегановиќ истакнува дека во фокусот на нејзините писанија е жената, а ритуалите по пишувањето ги опишува како хедонистички, додавајќи дека е фасцинирана од самиот процес на пишување, за кој вели дека е авантура.
Зошто пишувате?
Можеби најблиско до суштината би било дека сум фасцинирана од самата авантура, од самиот процес на пишувањето. Од начинот на кој се нурнувам во имагинацијата со сите свои стравови, сомнежи, сеќавања и надежи. Пишувањето е и мојот пат кон слободата. Слободата ја подразбира вистината како метод. Да резимирам: ја сакам авантура, слобода и вистина.
Кога се роди желбата за пишување?
Никогаш себеси не се замислував како писателка. Мислев дека ќе ги лекувам или подучувам децата во Африка. Некако по пат станав сериозна читателка, од тие што со ламбата читаат под јоран кога сите спијат дома. Читањето е повисока духовна активност од пишувањето, како вели Мигел де Унамуно и првата скала кон пишувањето. Останато беше опстанок, многубројни професии низ кои учев да пишувам (професорка по филозофија, новинарка, социолог), додека не останав сама со себе и еден ден седнав на улица, на работ од тротоарот се прашав: „А што сакаш ти, Сеида?“
Како ги бирате темите за вашите книги?
Во фокусот на моите книги се судбините на жените. Можеби малку дрско почнав да истражувам и пишувам за некои теми, прашувајќи се зошто никој не пишувал на овој начин кога главниот лик е жената. Понатаму пак многу истражував, и антропогија, историја, филозофија, психологија… Не сакав моите ликови да бидат еднодимензионални. Во последниот роман „Ида и асасини од Редот на хаванскиот колибри“, за некој детаљ читав и до 2000 страници литература за да не згрешам.
Дали имате свои ритуали додека пишувате?
Ги имам потоа. И многу се хедонистички.
Каков е односот помеѓу книжевноста и реалноста?
Тоа е веќе сериозно филозофско прашање. Во врска со реалноста, сметам дека треба да се ослободиме од догми и авторитети од сите видови и форми, за да ја разбереме. Понатаму – сѐ е етички чин како ќе ја користиме како материјал.
Дали би можеле да издвоите три книги на кои постојано се навраќате?
Многу сакам кога ќе дојдам кај моите родители во Босна и ќе најдам некои книги што ги читав одамна. Тоа се секогаш тие три книги што ме најдоа пак. Еве, ова лето ги најдов „Наследството на симболизам“ од С. М Баура, „Есен во Пекинг“ од Борис Вијан, „Криза на светот и вистина“ од мојот професор по онтологија Абдулах Шарчевиќ. Ги носам и подарувам на ќерките.
Дали книжевноста е бег од светот или пат кон него?
Книжевноста е сериозен занает. Сметам дека почнува кога ќе откриеме дека реалноста е преценета категорија и сакаме да ѕирнеме што има зад сите тие илузии што ни се нудат. И бара многу работа и пожртвуваност, како и опстанокот.
Селма Пепиќ
*Оваа објава е дел од #МладинскиВесник – мини рубрика на Радио МОФ каде се објавуваат содржини од членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарката Теодора Цветковска.