Скопје се уште се соочува со истиот проблем како и секоја зима – нечистиот воздух. За жал, некои од граѓаните не гледаат спас од овој проблем кој секоја година се чини дека е тема на дискусија.
„До кога вака?“ ; „Нема смисла ова што се случува.“ беа некои од изјавите кои ги добивме во врска со оваа тема. Повеќето граѓани велат дека не можат да го напуштат својот дом без користење на заштитни маски поради мирисот коj го чувствуваат.
„Не можам од дома излезам без да се чувствувам загушено.“ беше еден од одговорите кои ги добивме кога прашавме некои граѓани како тие се справуваат со овој проблем. „Секоја година мислиме дека ќе се подобри ситуацијава, ама се повеќе ескалира.“
Како ниските температури влијаат на аерозагадувањето?
Иако воздухот се смета за нечист во текот на целата година, зимскиот период најмногу се истакнува. Некои од домаќинствата се служат со неквалитетно дрво за греење. Но, најголем проблем во греењето е користење на најразлични материјали за огрев: текстил, пластика, гуми од автомобили, но сето тоа е резултат од високите цени за греење.
Во 2021 година, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов потврди дека околу 60.000 домаќинства користат неквалитетно дрво и јаглен за греење.
И уште еден фактор кој, за жал, се јавува како проблем во загадувањето на воздухот е самата природна положба на Македонија. Самата држава се наоѓа во долина која е опкружена со планини кои ја задржуваат маглата и со тоа нечистотијата во неа.
Граѓаните велат дека паметат време кога скопјани се грееле на дрво и јаглен, и воздухот сепак не бил загаден. Големите фабрики се често споменати во врска со оваа тема – „Немало ден кога не сум одел на работа без да ги приметам огромните чадови.“
Летниот период може да се пофали со помалку загаденост, но сепак автомобилите и фабриките кои продолжуваат со работа придонесуваат свое за по нечист воздух.
Многу утра има густа магла, така што „не се гледа прст пред очи.“ По улиците може да се слушнат граѓаните како кашлаат од маглата и ги ставаат своите шалови врз нос во обид малку да се заштитат себе си.
Последиците од аерозагадувањето
Загадувањето на воздухот директно ја погодува почвата и површината на водните тела. Со ова, нечистотијата ги убива посевите или може да го намали нивниот принос. Помладите дрва и растенија може да замрат или да напредуваат со потешкотии.
Но, не само што ја уништува нашата природа, туку и директно има влијание врз нас и нашето здравје.
Според веб-страницата на EU Research Result, секоја година 2.574 луѓе умираат предвреме како директна последица на загадениот воздух.
Децата, постарите лица и луѓето со тековни болести се поранливи на загадувањето на воздухот од другите групи.
Високите нивоа на загадување на воздухот го намалуваат количеството на сончева светлина, дури и го менува самиот изглед на небото. Честопати кога мислиме дека времето е облачно, тоа всушност е густата магла која не дозволува сончев зрак да пробие низ неа.
Со помалото количество на сончева светлина шумите растат со побавно темпо, а земјоделските култури се уште помалку активни. Магливото небо влијае и на самата клима.
Докажано е дека нечистотијата влијае и на самата ментална состојба на луѓето. Тие кои живеат во маглива средина се повеќе изложени на депресија и пад на расположението.
Загадувањето на воздухот сега е четвртиот најголем ризик фактор во светот за рана смрт. Според најновиот извештај во 2021 година за состојбата на глобалниот воздух – 4,5 милиони смртни случаи биле поврзани со изложеноста на надворешниот воздух во 2019 година, а други 2,2 милиони смртни случаи биле предизвикани од загадувањето на воздухот во затворените простории.
Како да го намалиме загадувањето?
Патот кон почист воздух е долг и макотрпен, но сепак ние сме способни да правиме мали чекори и разлики кои ќе придонесат за почиста средина за нас и тие околу нас.
Според EPA Org. ова се некои од нивните совети за подобрување на квалитетот на воздухот: Заштедете енергија – дома, на работа, насекаде, вози со автомобил, користете јавен превоз, велосипед или пешачете секогаш кога е можно, следете ги упатствата за полнење гориво со бензин за ефикасно враќање на пареата, внимавајте да не истури гориво и секогаш безбедно затегнувајте го капачето за гас,
намалете го бројот на патувања што ги правите со вашиот автомобил, намалете ја или елиминирајте ја употребата на камин и шпорет на дрва, избегнувајте палење лисја, ѓубре и други материјали, избегнувајте користење на тревник и градинарска опрема на гас.
„Мислите ли дека оваа состојба некогаш ќе се подобри?“
Иако повеќето граѓани се загрижени и не го гледаат крајот на овој проблем, сепак меѓу нив има голем број на ентузијасти кои веруваат дека овој проблем има решение.
„Да не се лажеме, страшен е овој проблем, но уште пострашно е да седиме и да чекаме некој друг да ни го реши.“
Промената и решението на аерозагадувањето лежи во нас, и што побрзо го сфатиме тоа, толку побрзо ќе создаеме средина почиста за нас и генерациите кои следат.
Лора Јанковиќ
*Оваа објава е дел од #МладинскиВесник – мини рубрика на Радио МОФ каде се објавуваат содржини од членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарката Теодора Цветковска.