Со повеќе од 50 музички имиња од домашната и странската сцена утре (30 јуни) започнува најголемиот летен фестивал во Македонија, „Д Фестивал“ 2023.
На годинешното тринаесетто издание ќе настапат „Kreator“, „1000mods“ „Onyx“, Smoke Mardjelano, Indira Paganotto, „Koikoi“, Roni Size и многу други артисти и бендови од странство. Од локалната сцена на „Д фест“ доаѓаат „Паркети“, „Фолтин“, Кирил Џајковски, Strajk, LD Pistolero, DJ Goce и R.O.N.I.N. Харакири, S.A.M., Matej Foltz, Funk Shui и други. Целата листа може да се види тука.
Освен музичката програма и овој пат на „Д Фест“ ќе може да се разгледаат најразлични ракотворби во „ПлоштАрт“, да се учествува на музички дискусии, а „Д чаршијата“ ќе понуди и низа активности меѓу кои и јога, кајакарење, зумба и аеробик.
Вратите за првите гости на „Д кампот“ се отвораат денес.
„Д другари кои пристигнувате на нултиот ден, не заборавајте дека вратите на кампот ги отвораме во 17:00 часот“, напишаа на од „Д Фестивал“ на нивната Инстаграм страница.
Првиот настап утре е во 11 часот на дуото „Alice in Wodnerband“
„Изведувачи кои ја спојуваат музиката на светот и необични ритмови од Балканот со телесна музика и телесна перкусија. Ана Врбашки и Марко Дињашки настапуваат на театарски и концертни сцени, а се и пар во животот, живеејќи во природа, близу Националниот парк Фрушка гора“, се вели во описот за нив.
До утре погледнете како си поминавме лани на „Д Фест“, а утре повторно се гледаме таму.