Медицината е пасија, љубовта кон социјалните мрежи е голема, кога интернетот го користи за умни и корисни материјали, видеа и едукација на помладите, во меѓувреме еден од најактуелните лица во Македонија, иако живее во Германија… Зборуваме со докторот и инфлуенсер меѓу младите, Горан Трајковски.
Во разговор откриваме убави и интересни моменти на уште еден македонски доктор кој се грижи за здравството во Германија.
Доктор Трајковски јавноста малку знае за почетоците на кариерата. Дипломиравте на Медицинскиот факултет при УКИМ. Од каде желбата да студирате медицина?
Дипломирав 2013 година, значи официјално сум лекар 10 години. Желбата потекнува уште од детството, знам дека ги листав книгите на татко ми, посебно ме интересираа генетските мутации и синдроми. Секако дека тоа што татко ми е лекар игра голема улога, најверојатно и желбата да добиеш почит и признание од родителот. Љубопитноста како функционира човекот, најкомплексното суштество на планетата, играше голема улога при бирање правец за студирање, за среќа и се’ уште ја имам. Но сепак желбата е само почеток, искра, за да се одржи огнот треба макотрпна работа.
Ќе ни раскажете ли малку за студентските денови, вработувањето во Германија и за специјализацијата?
Студентските денови беа бурен период, од една страна поголема слобода, од друга затвор, за мене не постоеше опција да изгубам година, тоа ме стави под голем психички притисок да го совладам обемниот материјал. Тој дел од студиите не ми недостасува. Инаку излегував, се дружев, важев за некој што е забавен и што се „глупира“ често. Знаев да претерам со алкохол и забави. Сакав да бидам центар на внимание, се забележува се’ уште по Инстаграм. Во студентските денови ја запознав и мојата животна сопатничка Александра, тоа беше секако пресврт во емотивниот живот. Бев се’ уште дете од 22 години, а сега имаме дете.Вработување во Германија за лекари за среќа е релативно лесно, бидејќи има голема потреба. Сепак постојат еден тон административни работи кои ги мразам. За среќа Александра заврши најголем дел од тоа, бидејќи германскиот и е мајчин јазик. Патем и во тек на студии секогаш некои колешки ми завршуваа работа со документи, некако се провлеков низ животот на тој начин. Поздрав до Кристина, Гордана, Ива, Ирена, Елена. Се извинувам ако заборавив некој.
Како би го опишале она што го работите во една реченица?
Се бориме против болеста и смртта.
Како изгледа една работна недела?
Еве следните 7 дена: од понеделник до петок дежурам по 13 часа, од петок до понеделник по 14 часа. Останува време само за јадење, спиење 5-6 часа и туширање. После тоа добивам една слободна недела кога ќе пробам да се наспијам, иако изгубениот сон никогаш не се надополнува.
Кои се предностите, а кои маните во професијата?
Предност е што имаме можност да промениме нечиј живот. Предност е и што во главно е ценета и релативно добро платена професија. Мани се долгата едукација, бавно искачување на хиерархиската скала, долгите работни часови кои со себе носат хроничен стрес и ненаспаност.
Дали се среќавате со предрасуди во професијата? (Ако одговорот е да, би можеле да ни посочите примери?)
Секогаш е достапен, неважно дали навечер, викенд, или одмор, секогаш сериозен и професионален, работи само од љубов кон професијата, не му требаат пари. Нема други хобија и интереси освен медицината, не се интересира и меша во други теми. Нема личен живот и свои проблеми или борби во животот. Мудар е и нема пороци или карактерни мани. Знае повеќе од другите во своето поле и тоа што ќе го каже е секогаш точно. Не прави грешки, ниту на приватно, ниту на професионално поле. Ако најдете таков, јас би сакал да го интервјуирам.
Медицината е широк поим, но, го надградувате знаењето од секоја област. Дали докторите треба да се задржат само во својата фела, или треба да се „мешаат“ и во другите области?
Докторите се луѓе, а луѓето може да имаат интереси од повеќе области. Не гледам ништо лошо во тоа.
Специјализант сте по интерна медицина. Зошто баш ја избравте интерната медицина за ваша струка?
Специјализирањето на лекарите создаде голем број на „Fachidioten” односно луѓе кои знаат како функционира само еден орган во телото, како божем нашето тело е механичко и содржи куп делови кои работат засебно. За да настане болест на некој одреден орган треба целиот баланс во екосистемот наречен човек да е нарушен. Позитивното на интерната медицина е што има допирни точки со сите други полиња во медицината, на пример во дежурство пациентот доаѓа секогаш прво кај мене, па јас одлучувам дали треба да го пратам на супспецијалист. Според мене патот на интерната медицина те учи најмногу и ти дава најдобра перспектива за медицината ако сакаш вистински да ја научиш. Ако ја гледаш медицината повеќе како занает или бизнис тогаш има други подобри опции од интерна медицина.
Веќе долго време работите како доктор. Што сѐ уште е предизвик во работата?
Бидејќи работам во помала, општа болница, сум видел и направил скоро се што еден интернист може да искуси. Немам предизвик во изучување некоја рутина или некоја дијагностичка метода. Мојот предизвик е да ставам што е можно повеќе парчиња во огромната сложувалката наречена човек, со тоа да добијам појасна слика за него. Таа слика е нацртана од самата креација.
Кои се клучните методи за лекување во интерната медицина?
Начинот на кој работи модерната медицина за жал е третман или потиснување на симптомите. Многу малку време се посветува на самата личност и коренот на болеста. Со тоа клучните методи за долгорочно лекување се медикаментозна терапија, која најголем дел од пациентите ја земаат доживотно. Лекарите во главно многу полесно доаѓаат до одлука да препишат лек, отколку да го прекинат во терапијата. За среќа модерната медицина може многу добро да го спаси животот во акутна ситуација. Тука имаме многу можности привремено да ги замениме органите со машина: бубрезите со процесот на дијализа, дишењето со респиратор, можеме да ги заобиколиме срцето и белите дробови со екстракорпорална циркулација. Со лекови можеме да одржиме притисок или да го спуштиме до точно одредена граница. Можеме со струја да го стимулираме срцето да чука побрзо. Можеме да го храниме пациентот преку крвните садови. Можеме делумно да ја замениме функцијата на панкреасот, на штитната жлезда. Секако поклон до земја на антибиотиците кои играат огромна улога во акутната медицина. Модерната медицина е чудо, но не значи дека има одговори на сите прашања.
Која болест најчесто ја сретнувате кај пациентите?
Метаболички синдром, цивилизациски болести дефинитивно. Прекумерна тежина, кардиоваскуларни болести, висок притисок, дијабетес, белодробни болести најчесто поврзани со пушење.
Може ли да ни издвоите некој интересен случај со пациент кој претставувал вистински предизвик?
Интересен случај е каде индиректно докажав кај еден постар човек дека ќерка му подметнала дрога. Човекот веќе бил вечерта во болницa поради немир, тахикардија, возбуденост, нервоза. Телесниот преглед, лабораторија и екг биле во ред и бил пуштен на домашно лекување со претпоставка паничен напад. Утрото дојде повторно и кажа дека целата вечер не може да се смири. Во разговор (анамнеза), на прашањето колку кофеин консумира, откривме дека претходниот ден бил на гости кај ќерката и се напил едно кафе. Со истата ќерка имал чести расправии и проблеми поради употреба на дрога. Ја тестиравме неговата урина и беше позитивен на амфетамин. Покачени беа и срцевите маркери, на крајот човекот заврши на интензивна нега за набљудување. Таквите детективски случаи се за мене најинтересни.
Кој орган е најкревок во човечкото тело (кој орган најлесно може да се разболи)?
Секој човек има своја слаба точка, своја ахилова пета, односно латински кажано „locus minoris resistentiae“. Дали е вродена, дали стекната е неважно. Болеста не настанува во одреден кревок орган, туку во човекот како битие, а на кој орган ќе се манифестира зависи од повеќе фактори. Општо кажано кревки се штитната жлезда и дигестивниот систем.
Помеѓу помладата популација сте доста познат и имате интересен и на еден начин едукативен Инстаграм профил. Давате корисни совети за здравјето, како се одлучивте на таков чекор?
Беше 2019 година, мај, на одмор во Египет, деновите беа долги, се’ уште го немавме Себастиан. Јас конечно неколку години после целиот стрес со преселба и почнување нова работа дојдов до себе. Ги имав напуштено сите социјални мрежи по преселбата.
Ѝ реков на Александра на лежалка „сега ќе станам инфлуенсер (Ова го имав заборавено она ме потсети). Затоа и уште од почетокот беше именуван профилот „Доктор Горан“. Тоа и се случи, секако бараше напорна и долготрајна работа, опипување што сакаат луѓето да чујат, но е задоволство и нешто на кое сум горд. Патот беше интересен и научив многу, стекнав нови познанства, некои од нив ми станаа и пријатели.
Каков совет би им дале на оние кои размислуваат да се насочат кон вашата професија?
„Run and don’t look back“, шега… Размисли кои се причините поради кои сакаш да студираш медицина. Доколку си видел лекар на телевизија и мислиш дека ќе бидеш кул, доколку сакаш да импресионираш некоја девојка, доколку сакаш да ги направиш родителите горди, доколку сакаш да заработиш пари, има многу други професии со кои тоа можеш да го постигнеш подобро и побрзо. Тоа во кое се впушташ е брак со медицината, одреден начин на живот, дисциплина, макотрпна работа и доживотна обука. Како награда добиваш понекогаш шанса да спасиш живот.
Даница Среткоска
*Оваа објава е дел од #МладинскиВесник – мини рубрика на Радио МОФ каде се објавуваат содржини од членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарката Теодора Цветковска.