Ученици од цела Македонија, претежно средношколци, од 15 до 18 јануари учествуваа на камп организиран од Институтот за комуникациски студии каде учеа за медиумска писменост.
Првиот ден на кампот послужи како шанса за запознавање меѓу учесниците и менторите и помеѓу самите учесници. Освен запознавање, првиот ден се искористи и како повторување на основите на медиумската писменост како и новинарството, односно со презентации за тоа што се дезинформации.
Презентации за фотоприказни, односно за новинарска фотографија беше темата за почетокот на вториот ден од кампот. По неколкуте предавања, учесниците добија задача за да изработат фотоприказна. Некои од задачите се однесуваа на проблемот со иселувањето на младите, па се до архитектурата во Охрид.
На кампот учесниците учеа и за процесот на создавање видео приказна, за време на третиот ден. По групи, тие потоа ги изработуваа нивните видеа и фотоприказни и истовремено учеа како да користат дигитални апликации за уредување фотографии и видеа со помош на менторите од Институтот за комуникациски студии. Пропратено со ова, составуваа и еден новинарски прилог. Финалниот ден се искористи за презентирање на конечните фотоприказни и видеа.
Ваквите кампови се еден од малкуте форми на кои се пренесува медиумската писменост на новите генерации.
Автор: Горјан Азманов