Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) објави конкурс за изработка на мурал во просториите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).
„Целта на муралот е да инспирира и артикулира толеранција, недискриминација и почитување меѓу граѓаните и различните групи на граѓани во Северна Македонија. Идејните решенија за муралот треба да ги отсликуваат погоре споменатите цели како и основните начела/цели врз којшто се темели работата на КСЗД“, стои во повикот.
Од МЦМС велат дека користејќи ја моќта на уметноста и креативноста, со муралот, сакаат да ги претстават основните вредности како што се човековото достоинство, слободата, демократијата, недискриминацијата, еднаквоста, солидарноста, почитувањето на владеењето на правото и човековите права.
„Преку муралната уметност на иновативен начин поттикуваме реобмислување на социјалните и политичките односи на јавните простори и ги отелотворуваме социјалните и културните искуства на сите граѓани во општеството, а особено на маргинализираните и групите на граѓани кои се ранливи“, се вели во повикот.
Муралот треба да биде изработен во боја и да се изработи во холот на КСЗД на внатрешен ѕид на големина од 3×5 метри. Муралот треба да биде оригинален дизајн (односно специјално дизајниран за овој конкурс) и не треба на него да се прикажуваат брендирани или заштитени со авторски права производи, услуги итн.
„Со овој мурал ќе се поддржат артистите кои креираат и творат во Северна Македонија“, стои во повикот.
Сите заинтересирани уметници може подетално да се запознаат со Конкурсот на следниот линк: 41-5_Konkurs_za_mural_KSZD.docx
Рокот за поднесување на документите е до 31 јули (понеделник) 2023 г. на fiv@mcms.mk