[Инфографик] Ја уништуваме природата: Лани пораст на испуштените непречистени отпадни води

Пречистителните станици во дел од македонските општини лани не си ја вршеле својата дејност во континуитет. Ова е заклучокот од најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за 2022 година, кои покажуваат алармантен пораст на отпадните води кои непречистени се вливаат во реките, езерата, подземните води и акумулациите во Македонија, пишува Мета.

За само една година, процентот на непречистени отпадни води кои се влеваат во природата се искачил за повеќе од 10 проценти, и тоа од 62 проценти во 2021 на дури 72,4 проценти во 2022 година. Во количини на испуштени фекалии кои се вливаат како непречистени во природата, за една година тие се зголемиле за над 12,5 милиони метри кубни, покажуваат најновите статистички податоци.

Истовремено, количеството на отпадни води кои биле пречистени од македонските пречистителни станици за една година се намалило за над 10 милиони метри кубни. Ваквите податоци се алармантни, бидејќи покажуваат оти веќе изградените објекти за пречистување на водите и општинските јавни претпријатија не си ја вршат својата работа односно не ги пречистуваат отпадните води, за кои домаќинствата и компаниите се обврзани да плаќаат месечни сметки за вршење на услугата за пречистување на водите.

Податоците на ДЗС покажуваат дека вкупното количество создадени отпадни води во 2022 година било за 3,3 отсто помало во однос на 2021 година. Вкупното количество на испуштени отпадни води лани изнесувало 102.567.000 метри кубни, додека една година претходно како општество сме испуштиле фекалии во износ 102.648.000 метри кубни.

Случајно или не, намалувањето на процентот на пречистени отпадни води минатата година доаѓа во период кога општинските јавни претпријатија се жалеа на огромните сметки за струја кои ги добивале на месечно ниво и на долговите кои ги направиле поради набавката на електрична енергија на слободниот пазар.

Податоците од Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2022 година говорат дека има 20 македонски општини, односно даватели на водни услуги кои овозможуваат пречистување на отпадните води. Во споредба со 2021 година, бројот на општини во кои има пречистителни станици лани бил зголемен за две. Сепак, како што посочивме погоре, лани имало намалено количество на фекалии кои минуваат низ системот за третман во пречистителните станици.

Мета.мк изминатава пролет контактираше јавни претпријатија од неколку општини кои имаат пречистителни станици, но тие стриктно потенцираа дека ја вршат услугата за пречистување на отпадните води, за која земаат пари од граѓаните. За одредени сомнежи во некои општини во врска со функционирањето на пречистителните станици за отпадни води се обративме и до Државниот инспекторат за животна средина, но и од таму добивме информација дека нивните инспекциски надзори покажале оти немало намерно исклучување на критичните инфраструктурни објекти.

Информациите од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги покажуваат дека лани корисниците плаќале од 0,85 денари до 21,42 денари за кубик потрошена вода во месечните сметки на општинските јавни претпријатија каде има пречистителни станици, на име на пречистување на отпадните води.

Инаку, отпадните води со години наназад се главниот причинител за загадување на подземните, речните и езерските води во Македонија. Поради нискиот квалитет на водите, во дел од реките и езерата е недозволено пливање на луѓе или користење на водите за полевање на земјоделско земјиште или за водоснабдување. На ниво на ЕУ, задолжение на секоја земја-членка е да изгради функционални пречистителни станици во градовите и да ја спроведат Директивата за урбани отпадни води на ЕУ.

Македонските невладини организации веќе предупредија дека до 2042 година на земјава ќе ѝ бидат потребни дури 1,2 милијарди евра, со кои би се овозможило целото население да биде покриено со систем за третман на отпадните води, доколку сакаме да постанеме земја-членка на ЕУ.

Во моментов, актуелна е изградбата на пречистителните станици за отпадни води за најголемите градови во земјава – Скопје, Битола и Тетово. За скопската пречистителна станица беше избран најповолен изведувач што ќе треба да го изгради капиталниот објект во близина на населеното место Трубарево, додека за овие инфраструктурни објекти во Битола и Тетово пред неколку месеци беа распишани два одделни тендера. Годинава се очекува да отпочнат градежните работи на сите три пречистителни станици.

Мета