Во последните три дена Радио МОФ беше во епицентарот на музичка сплотеност, другарство, љубов и забава во Дојран каде се случи уште еден „Д Фестивал“.
Со домашни и странски музичари и најразлични видови музика – од афро-футуристички панк, традиционална ритмика и техно до рок, метал, рап и трап, годинава, по 13 пат се одржа најголемиот летен фестивал во Македонија.
Вчерашниот трет и последен „Д-ден“ започна со настапот на тајниот изведувач – Ристо Вртев од „Архангел“. Возбудата што нѐ чуваше во неизвесност неколку дена, брзо се пренесе низ кампот па за многу кратко се наполни „Москито стејџ“.
Потоа се префрливме на „Смут“ стејџот каде „Basement Cult“ ги „изгореа“ инструментите. Навистина се случи дефект со каблите и почна да се шири чад од левата страна по што се изгуби звукот на микрофонот за вокалот. Тоа не ги спречи да свират, а за текстот на песните се погрижи бројната млада публика.
Вечерта ги слушавме њујоршките рапери „Onyx“ кои се овде по втор пат откако во 2010 година беа на „Таксират“. Покрај одличниот перформанс, настап и оригиналниот звук директно од Квинс, се почувствува хемија меѓу нив и нас. Тие што беа најнапред рецитираа по цели песни, а некаде пред крај на настапот имаше голем мошпит во средина.
Пред хип-хопот на главната сцена вчера настапи „Smut“ што предизвика вистинско метал лудило.
@radiomof Како си поминувате на Д фест? 😌 #мкмузика #дфест #дфестивал #музика #бендови #алтернативна сцена #мквести ♬ original sound – Радио МОФ
Во ПлошТарт зоната цело време течеше програма. Можеше да се купат рачно изработени украси, накит, се случија неколку дискусии, а имаше и гледање на тарот карти – за секого по нешто.
За пофалба е што годинава споредено со лани имаше многу помалку ѓубре наоколу и редовно испразнети корпи за селекција на отпад што се надеваме дека некако ќе си го најде патот до рециклирање.
Македонската музичка сцена, за која дел од музичарите што ги интервјуиравме забележаа дека ги напушта границите на жанровска музика и се движи во повеќе правци истовремено, и овој пат имаше впечатливо место на „Д-сцената“.
Хип-хоп групата „Dope Kukjata“ втората вечер настапи со луд перформанс со скечови и сценографија, накратко цела приказна смислена за да нѐ воведе во нивниот свет додека настапуваат.
Крајот на втората вечер ја одбележа џангл и драм ен бејс сетот на Џајковски кој нѐ воведе во нов мал универзум на играње по што многу болеа колената.
Годинава ги слушавме и S.A.M, „Паркети“, „Харакири“, „Red18“, „Dimish“, „Peach Vice“, „Фолтин“, „Funk Shui“, Галоски и други.
@radiomof Зарина првасевда и бендот свират ориентални мелодиии на традиционална музика во кои попладнево, на вториот Д-ден уживаа фестивалџиите 😍 #музика #мкмузика #dfest #music #bands #radiomof ♬ original sound – Радио МОФ
Овој „Д Фест“ слушавме музика цело време – фестивалџиите три дена го следеа изгрејсонцето што се будеше над езерото. Фестивалот како конечно да ѝ се врати на својата оригинална кондиција напуштајќи ги стегите на пандемијата, се разбира, со простор да станува уште поголем и подобар.
Денес е денот кога се собираат стејџовите и шаторите, паркот го губи шаренилото и се вадат фестивалските алки од рака. Фестивалската магија полека го напушта Дојран и се впива во сите кои годинава беа тука. Пред да почнам да го пишувам овој текст покрај облеката, ги пакував и импресиите од овие три дена и сфатив дека „Д Фестивал“ е многу повеќе од еден музички фестивал. „Д Фест“ е точката што секоја година нѐ прибира од сите страни и нѐ сместува заедно со една цел – да се гушкаме и да слушаме музика. Се гледаме следното лето.
Ангела Бошкоска