Сајтот и апликацијата на „Виз Ер“ ноќеска може да не работат поради тековно одржување

Веб-страницата и мобилната апликација на „Виз Ер“ ноќеска (4 јули) во периодот помеѓу полноќ и 8 часот наутро ќе бидат подложени на одржување. Од авиокомпанијата велат дека како дел од оваа операција функцијата за пребарување, како и резервирањето и пријавувањето на летови, може да не бидат функционални во овој временски период.

Од „Виз Ер“ советуваат патниците да направат онлајн пријавување пред овој период, но доколку не успеале да го завршат овој процес, тие ќе имаат можност да го комплетираат пријавувањето бесплатно на аеродромот помеѓу полноќ и 12 часот напладне по средноевропско време на 4 јули.

„Виз Ер“ е најголемата авиокомпанија која оперира во Северна Македонија со вкупно 33 авиолинии, а од оваа есен и зима најавени се и дополнителни две дестинации, Љубљана и Луксембург, до кои ќе сообраќаат од Скопскиот аеродром.