Во раните деведесетти Македонија станува независна, па „новите песни“ ja рецитираат општествената состојба. Но и во новиот почеток, меката цензура на домашните медиуми на маргините ги турка алтернативните жанрови на музика, вадејќи се на „вулгарност“, па песните на Чиста околина, Сакам Афро Фризура (САФ) и Most wanted се пренесуваат усно или преку касети.
Но, само неколку години подоцна и поради големото внимание кое го добиваат од младата публика, рап групите се препознаени и од националниот сервис, па нивните настапи и концерти се гледани низ целата земја, како оној поп-рап настап – „До кога вака“ на Ена Веко.
Во светот, рап музиката во 80-тите наголемо ги освојува американските топ-листи, никнуваат графити, рап-битки, бумбокси, се носат широки панталони, а се слушаат и женски рап изведувачки како MC Lyte и Bahamadia, која станува првата раперка номинирана за „Grammy“, но и влијание за Lil Kim, D Brat, Missy Eliot, Lauryn Hill, Eve…
На работ на новиот милениум, само седум дена по терористичкиот напад на Кулите близначки, раперот Immortal Technique го издава деби-албумот Revolutionary Vol. 1 , со кој носи свежа, ама и гневна порака до младите од гетата особено за насилството меѓу црнечкото население, но и глобализацијата и американскиот империјализам.
Истовремено, во раните 2000-ти, се појавува и Lil Kim, која со песната How many licks does it take, станува претходничка на Nicki Minaj и Cardi B.
И додека Њујорк е под опсада од звуци и влијанија, на другата страна на светот, во Штип, во Дом на млади, започнува женската рап приказна – No exit (Без Излез).
Истражувајќи за женската #мкрап сцена, приказната не носи во Калифорнија, кадe се наоѓа Ана Илиевска, една од членките на No exit, а сега професорка, компаратистка и истражувачка по светска книжевност на Универзитетот Стендфорд.
Навраќајќи се на своите рап почетоци, Илиевска започнува велејќи дека со стартот на новиот милениум, младите биле и многу оптимистични, но и многу песимистични.
„Тогаш Македонија уште беше храбра, нова држава, и нашата генерација го имаше чувството дека можеме да ја определиме насоката во која да се движи, со култура, литература, музика и уметност воопшто. Тоа беше оптимистичната страна. Песимистичната страна беше дека полека-полека ни стануваше јасно дека нема никаква можност во Македонија да се живее само од уметноста. Турбокапитализамот стигнуваше во Македонија, сѐ стана приватизирано и многу од нашите родители ги изгубија работите што им даваа стабилност за себеси и за фамилијата. Одеднаш, во раните 2000-ти години, ние се сетивме дека не се може така напред, дека остануваме без ништо и дека треба да се побуниме. И кој жанр на музика дава најмногу можности да се изрази таква побуна, ако не рапот“, раскажува таа.
Илиевска ни опишува дека во таква општествено-социјална тие ги слушале афро-американците и мексиканците кои ја раскажувале нивната борба и сиромаштија во својот јазик, ритам, па во тој стил, и тие нашле спас, барем за неколку години.
„Штип во тоа време полека се распаѓаше. Големите текстилни фабрики и оние за сијалици, каде што на пример работеше мајка ми, се приватизираа. Во рапот го најдовме решението за нашите проблеми и околу Дом на Млади се собра едно друштво од тинејџери што сакаа да се изразат и да бидат слушнати“, продолжува таа.
Од Штип, рап приказната ја продолживме кон друга „Црна тачка“ – Скопје. Вокалистката од истоимениот скопски рап состав, Сузи Тенева, денес е доктор по филозофски науки, а зад себе има неколку книги меѓу кои и поезија.
Таа нѐ внесе во алтернативните журки во „Пони“, „Лидо“, „Вулкан“ и „Копакабана“, каде атмосферата била опуштена, дружбите спонтани, а хип-хопот сериозно сфатен.
„Се водеа разговори за новите албуми, траки, за артистите, за групите, за музиката, за текстовите, семпловите, скречовите, за сѐ она што ја прави песната, албумот, воопшто за целата хип-хоп култура. Иако тогаш средствата за информирање, не беа како денешните. Кога јас почнав да слушам рап, слушавме на касети, подоцна се појавија ЦД-а“, се присетува таа.
Тенева забележува дека рапот шири конструктивна енергија, поттикнува да се биде храбар, самоуверен, лојален, издржлив, доследен.
„Во рапот, има еден сегмент што особено би го нагласила, а тоа е да се биде автентичен. Треба да се каже својата приказна, своите доживувања, размислување, видувања, односно, личното искуство, без разлика дали станува збор за длабоко интимно и лично искуство, или искуство кое поединецот го има во рамките на некоја општествена група или воопшто неговото искуство во сите општествени сегменти“, вели таа.
Неколку години подоцна, во Скопје сѐ повеќе се слуша и зборува за рапот. Од висење на збирните андерграунд места како сепарињата во Парк, Плочник и Форум, клубот „Вулкан“ станува позната сцена за тогашните раперки и рапери. Таму, во првата деценија од 2000-те ќе настапат уште две девојки – Нена и Марија, под името Фанки Фем.
Еден од нивните настапи е документиран:
„Идејата за нашата прва песна дојде од таму што една од нас требаше да се исели од Македонија и се договоривме да напишеме песна за нашето пријателство, за да ни остане засекогаш. Така ја напишавме песната, а наш добар другар кој имаше своја рап група и студио ни ја направи музиката“, вели Нена Матана.
Со неколку настапи во Скопје и Велес, групата има само две студиски снимени песни.
Јас и ти заедно пишуваме историја
од Скопје, Македонија
до Тампа Америка.
Знам дека ќе слушнеш за нашата лирика
за оваа прилика
имаме неколку трика
да покажеме вистински хип-хоп, што се вика.
„Првата песна се вика ‘Другарство’, a со неа настапивме на еден натпревар и освоивме второ место, па добивме награда снимање на песна“, раскажува таа.
Новиот звук на старата школа
Од Скопје, пловиме низ просторот и времето за да стигнеме до Битола и Кочани каде денес се активни Билјана Тасевска ака (Bibbych) Бибич и новата „гето принцеза“, Марија Михаилова.
Бибич вели дека за неа рапот е уметност, начин на живот, бидејќи токму уметноста произлегува од внатрешна потреба и внатрешен повик. Таа со рап почнала да се занимава пред околу пет години, а првата нејзина песна имавме можност да ја слушнеме пред две години.
„Идејата започна од еден човек кој се занимава со рап музика понекогаш и продуцира, тек-тук. Интересно е што приказната почнува со тоа како тој мене ме забележува на социјалните мрежи, а јас во моментот работев како танцова инструкторка по женски хип-хоп танц и многу пати се снимав за на Инстаграм кај што рецитирам некоја рап песна, онака од ќеф“, започнува Бибич.
Михаилова, пак, се надоврзува дека рапот ја прогонувал цел живот, а таа се обидувала да му избега, бидејќи, вели, не е лесна женска.
„Решив да му ја возвратам љубовта, конечно… Па, неколку години се бавам со рап, зашто рапот пред сѐ, се живее“, истакнува таа.
Од касети до Спотифај
Wu-Tang, KRS-ONE, Notoriuous BIG, Onyx, Public Enemy, The Beastie boys, Mary J Blige, Nas… Долг е списокот на влијанија од странските рап артисти и групи, кои влијаеле врз домашните раперки.
Илиевска истакнува дека тогаш, барањето на нова музика, најмногу функционирало од уста на уста, затоа што интернетот сѐ уште не бил раширен, а средствата биле ограничени.
„Треба да си замислите дека бевме во Штип, далеку од големите главни градови во Европа, па и далеку од Скопје, како што викаше Тацката, една наша славна локална фигура, ‘а ќе речеш те дека е’“, вели таа.
Додека на неа најмногу ѝ влијаеле Lords of the underground, Тенева ги споменува и Mobb Deep, Gang Starr, Guru, Nas, Black Moon, The Alkaholiks, EPMD, Erik B. & Rakim, Naughty by Nature, Eric Sermon, Das EFX, De La Soul...
Нена, Сузи и Ана се осврнуваат и на домашните влијанија, па неизбежно е да споменат и Чиста околина, САФ, Most wanted, Уличен ритам, DJ Славе, Џака Накот, Долина на Сенките и Аго, Пука козметика, Чалдисаните…
Штипјанките No exit веќе се јавуваат и како влијание кај Михаилова, бидејќи како што вели таа „женската енергија е нужна за да биде целосна приказната“.
Освен нив, таа ги спомнува и Akua Naru и Erykah Badu, а ги издвојува Аго и кочанчаните Endemix, како и 2Pac, Fugees, Mobb Depp, Jeru The Damaja и ‘one & only’ – Smoke Mardeljano.
Бибич вели дека инспирација никогаш не ја црпи од само еден артист или само од рап музиката, бидејќи инспирацијата е и од животот – пишувајќи за своите искуства.
„После пуштам инструментал и сѐ си се лепи заедно, некако природно. Рапот се најде тука да помогне само полесно да го кажам тоа што имам да го кажам. Повеќето од рап артистите кои сум ги слушала и ги слушам се од американската рап сцена – Heather B, Guru, Masta Ace, Biggie Smalls и 2Pac, Lady of Rage, Method Man, Ill Al Skratch и уште многу други“, вели таа.
Во потрага по женски глас и слобода
Секојдневието во штипскиот Дом на млади, Илиевска го доловува преку римите и битовите на Џака Накот, Како Браќа, Чалдисаните, Дре, а вели дека Троен Пакт и Луѓе во бело биле првите рапери со кои се запознала, па така почнала размената на касети од изведувачи како САФ и Долина на сенките на Аго. Паралелно со ова, Илиевска посочува дека на штипската, па и македонската рап сцена воопшто го нема женскиот звук.
„Имавме слушнато едно име или две, ама сега и не се сеќавам веќе како се викаа. Ама во живо никоја не настапуваше и немавме ни касети за да слушнеме жени. Мислам Lauryn Hill беше првата жена што ја слушнавме да рецитира на радио или на телевизија, значи повеќе накај поп-музиката“, споделува таа.
Отсекогаш заинтересирана за читање на Шекспир и Рембо, но и пишување поезија, рима, музика – работи што можат да се најдат во рапот на едно купче, четиринаесетгодишната Ана на една рап журка во Домот на млади им предлага на другарките Кристина Ангелова и Марија Буровска да направат своја група.
„За мене рапот отсекогаш беше еден вид на политичка поезија. Еден ден, ми пукна филмот затоа што гледав дека секогаш само мажи настапуваа, а жените само стоеа во публиката како ‘groupies’, како да немавме ние друга функција освен да го поддржуваме мажот и неговото его. Имавме, мислам 14-15 години и во тие години веќе многу жени одлучуваа да направат кариера како сопруга или мајка, барем во Штип, во тие времиња. Ние бевме различни, сакавме да се изразиме и не гледавме никаква пречка – биолошка или социјална. Еден ден им реков на Марија и на Кики да правиме бенд, јас ќе ги пишувам песните, ако најдеме кој да ни ја прави музиката. Така се роди No exit. Темите на кои бевме најгласни беа ‘ако сум жена не значи дека не знам или не можам да рецитирам’ и ‘ако сум жена, не значи дека треба да се облекувам во сукњи и да гонам мажи’. Баравме слобода, баравме глас“, вели таа.
Да, пак сме ние истите бунтовнички во душа
и сѐ уште од такт ме вади кога зад грб ќе слушнам
ќе ти паднат пантолоните хеј, што се дуеш
женско си, не ти доликува да пцуеш
и не се шминкам за маните да ги скријам
воопшто не сакам да молчам кога во себе вријам
Едноставно, се надоврзува таа, No exit се раѓа од фрустрација и од другарство. Дополнува дека групата била израз на очај, бидејќи гледале како корупцијата ја зазема државата, како вредностите од Југославија – култура, музика, народ – полека ги снемува.
„И не гледавме излез од таа ситуација иако се надевавме, а колку се надевавме. Кики и Марија ме следеа со многу храброст иако бевме многу дискриминирани и дома и во средно. Нашите родители и роднини ни забрануваа да излегуваме, да се облекуваме во широки панталони, да се дружиме со машки. Целта на жената беше да е мирна, тивка, и – пред сѐ – убава. А ние, користевме многу, ама многу пцовки и ‘некултурни’ изрази, па еден ден дури им забранија на Марија и на Кики да се дружат со мене. Ама другарството победи и денес воопшто не се каеме за ништо, а и нашите родители се дури горди на нас“, истакнува таа.
И додека Штип сведочи на првите женски „римувани способности“, спонтаните дружби на алтернативните журки ги спојуваат Сузи Тенева и останатите членови на Црна Тачка во Скопје.
„Бевме неколку луѓе што се дружевме многу, на пример со Аце (Ќељав) бевме и сме другари од детство и од маало. Одевме на рап журки, слушавме многу, многу музика, игравме кошарка. И така спонтано се создаде идејата да правиме нешто на тој план. Снимивме неколку песни“, се потсетува Тенева.
Црна Тачка е хип-хоп група чиј звук иако не е снимен во албум, врежан е во колективната алтернативна хроника на градот преку сингловите како Затворите све кафане, Живееме овака, Кој е достоен…
Затворите све кафанe е своевидна критика за напливот на турбофолкот кој во тој период (1999/2000) е една од ретките „вредности“ што го обединуваат Балканот разорен од војни.
Први песни и настапи
Илиевска вели дека во тоа време, рапот бил најсубверзивниот жанр, бидејќи можел да се создава дури и без пари за гитара, звучници или опрема кои биле потребни за техно музика во тоа време.
„Луѓето правеа битбокс и ние рецитиравме. Ништо друго не ти треба. Имаше многу жени или предомнинантно жени во народно, турбофолк, поп или џез. Ама во рапот ништо. Така рапот ни даде прилика да се бориме за рамноправност на начин на кој тоа не е можно во такви жанрови како техно или џез. Во техното нема социјална или политичка порака, нема глас; џезот веќе си има своја традиција на пеење, ама во рапот се зборува за политика, за патријархатот и за сиромаштија и на тоа поле жените уште немаа никаков глас во разговорот“, смета таа.
Иако „аналогното“ создавање на рап музика не барало толку средства, Илиевска вели дека снимиле само неколку синглови.
„Можеби 3-4 песни снимавме. Првата беше катастрофално рецитирана ама немавме пример на жена па пискавме како деца. Ама имавме многу лирики, јас пишував нон-стоп. Имавме многу јавни настапи во Штип, во Дом на Млади, и еден настап во Вулкан во Скопје, мислам во 2004 година. Со Духот и Аспи од ‘Да бе Да’ ја снимивме ‘Адреналин‘ – една многу интересна трака во која се отепав да го имитирам Busta Rhymes. После тоа завршивме средно школо и јас отидов на работа (на печалба) во Германија и толку, го оставивме рапот“, сподели таа.
Во муабетот со нас, Ана се присети и на првиот настап кој ѝ оставил незаборавни спомени. Немале соодветна облека за настап, па додава дека нашле шивачка да им сошие широки панталони и така се појавиле на сцената.
„Никогаш нема да ги заборавам лицата на машките во публиката. Тие беа комплетно шокирани. А и ние, богами! Марија беше многу цврста женска, ама со многу трема на подиумот, па се сеќавам како со Кики броевме тактови за да ја поддржиме. Јас и Кики од друга страна немавме гајле, од музичкото бевме научени на внимание и трема. Друга анегдота е кога имаше вечер на фристајл во Дом на Млади, мислам со Стивенс од Чалдисаните, Пази Куче или Духот од Кочани, Протосот (Ивица Николовски) и јас. Погодете кој победи ;) Тоа беа шокирани фаци, а на мене ептен лесно ми доаѓаше фристајлот“, сподели Ана.
Илиевска, која веќе 20 години не живее во земјава, сѐ уште ја има љубовта кон поезијата, па ни откри дека неодамна ја издала Антологијата на современа поезија од Сицилија, или како што ја нарече, „Т ’га за Југ“.
Таа се надоврзува дека дел од македонските рапери и продуценти сѐуште прават рап, но не во Македонија.
Ги спомена Лазар Духот Митрев кој уште рецитира, но во Франција, Аго кој е активен во Скопје и Филип Фундамент од Кочани, кој сега е преселен во Канада.
„Ние сме една изгубена генерација. Не како американската, што се изгуби од дроги и средно-класна фрустрација, ние сме изгубени затоа што скоро сите избегавме од Македонија, скоро сите го изгубивме јазикот, потеклото, идентитетот. Дома немавме никакви шанси и така, мислам со нас, умре и државата, барем таа држава што можевме и сакавме да станеме. За да се прави рап, треба мака, треба мизерија, ама треба и надеж. Инаку нема смисла. Веќе го нема тој културно-уметнички оптимизам затоа што се прекина традицијата, се прекина тој ланец што од југословенскиот панк преку САФ и преку нашата генерација требаше да продолжи до ден денес. Сега сме грутки. Една грутка ваму, една таму, сите разделени и распрснати по цел свет, под туѓо сонце и налеани од туѓи раце“, поентира таа.
Можеби учеството на раперки во „рап битки“ веќе не е табу, но на домашната сцена раперките сѐ уште се ретки. Денес е олеснет само процесот на продукција, па сите имаат поголема шанса да издадат своја песна.
Бибич открива дека добила покана за снимање и решила да слушне неколку инструменталки и да се обиде да рецитира. Откако ја снимила првата песна, ја пратила на проверка кај DJ Гоце кој ѝ дал зелено светло.
„Искуството беше какво што решив и да биде, прекрасно. Решив да снимам и да ја издадам првата песна буквално без никакви очекувања. Знаев дека е добра песната ама не знаев како ќе биде прифатена. И испадна публиката да ме прифати и мене и песната, како што воопшто не замислував, предобро. Нормално, имаше и негативни коментари, ама ако нема негативен коментар нешто не е во ред. Луѓето околу мене не беа навикнати да ме гледаат во ова светло, па им беше малку чудно, некои мислам дека уште се навикнуваат, тие што не можеле да прифатат си отишле и си одат, ама тоа е циклус на животот и тие што треба да се околу тебе, секогаш ќе останат“, вели таа.
Марија Михаилова вели дека своето прво демо го снимила сосема спонтано, од прв take, во студиото на Последна 45-ка во скопско Ченто.
„Тие се доста заслужни за тоа што сум дел од хип-хоп културата и еве сега би им изразила почит… А, тука би го спомнала и братот Пупе-ПКМ, кој исто така беше неодминлив дел од тие рап-дружби… Shout out! Инспирацијата ни јас самата не знам како дојде, зашто цел живот пишувам поезија, а еднаш се разбудив и буквално во моментот кога ги отворив очите, ми дојдоа стихови. Но, овој пат беа во рап-контекст и ги запишав и тоа се стиховите од демото. Потоа продолжија да ми доаѓаат, на истиот начин, од нигде никаде. Се запишав на курсот за аудио-продукција во КСП Центар Јадро со Аго и имавме за задача да креираме наша нумера и така настана Гето принцеза“, раскажува Михаилова.
Менталитетот, знаеш – жена рапер…
Зборувајќи за недостатокот на женски раперки на домашната сцена, Михаилова вели дека можеби, причината е недоволната храброст кај жените да настапат во условно кажано „машкиот“ свет.
„Има недостаток на рап изведувачки на македонската рап сцена, секако. Што секако, не би требало да е така. Па, еве ја користам приликата да ги охрабрам сите оние девојки што сакаат да бидат дел од културата, да се испробаат. За проба пари не се земаат“, поентира таа.
И Бибич се согласува дека има недостаток на рап изведувачки на локалната сцена, а додава дека одвај знае уште за две нејзини колешки, за кои се надева дека ќе продолжат да снимаат.
„За причината не знам да кажам точно која е, секој си има своја причина зошто не прави нешто. Имам размислувано дека можеби е до менталитетот, знаеш, жена рапер… Исто дека можеби е до храброста, до она ‘што ќе кажат другите’, дали ќе те прифати публиката или ќе те ругаат. Исто и дека можеби е до парите, оти сите знаеме колку малку раперите се канети по настани, како се плаќани и слично. Можеби се и повеќе причини, не знам точно да кажам. Јас го правам ова оти ме исполнува и ќе го правам додека е така. А, за искуството како раперка овде, можам да кажам дека ми е топ. Си снимам, добивам респект од големи легенди како од македонската рап сцена, така и од соседните земји, пораката е примена од луѓе кои треба да ја примат и тоа е доволно за мене“, истакнува Бибич.
Сепак, таа вели дека секогаш се појавува по некој свеж лик, па не може да каже дека нема интерес.
„Баш ќе спомнам за една девојка од Прилеп, Sara G, која ја запознав неодамна и која почнува со творење на рап сцената моментално, и искрено тоа многу ме израдува“, вели таа.
И покрај тоа што рапот заживува во Битола, па и во Прилеп, Бибич нагласува дека и таа веќе три години живее во Скопје, па не е во тек со битолската рап сцена.
„Си велам дека ако имаше некои иницијативи, идеи, желби за да се случува во градот такво нешто сигурно ќе слушнев. Но, со голема жал мислам дека нема. Се надевам и верувам во подобри времиња за рапот во Битола. Немам што да кажам друго на ова, зошто искрено и ме растажува кога ќе помислам“, коментира таа.
Михаилова дополнува дека според неа, македонската рап сцена сега ја движат несомнено добри и талентирани артисти, како што било отсекогаш, но додава дека тоа што неа ѝ недостига е суштина што доаѓа од самата искреност во творењето и почитта меѓу самите артисти.
„Ентузијазмот доаѓа од сплотеноста и респектот, зашто сите сме дел од играта. А, кога тоа недостасува, тогаш се сведува на поединци и секој си гледа само за себе и за ‘своите’, што е тажно само по себе. Да не бидам сега хејтерски настроена, ‘иако едноставно мразам фејк’, и да погледнам и од светлата страна, не само од темната. Можеби и самата рап музика е таква што и поделеноста е баш таа што го прави движењето да биде пореално и е инспиративна, еве веќе долги години. Јас се трудам така да гледам на работите, дека е важно да се има став! Но, да не се гради на ‘рекла-казала’ муабети и раперите да се претвораат во некои ‘тетки’ кои озборуваат, а уште помалку на љубомора и дисреспект без никаква основа. Нека биде сето на ниво на култура, која не смее да се валка, ама темната страна е тука, сакале ние или не“, посочува таа.
Рапот во криза?
Според Бибич, во денешно време станува тешко да се стигне до пораките што ги носи рапот, зашто тие не се на trending плејлистите и треба малку да се труд за да ги најдеш, но додава дека пораките секогаш стигнуваат до тие што треба да ги чујат.
„Секој наш рап артист ми има оставено впечаток на свој начин и ги ценам сите подеднакво, заради тоа што ова што го правиме го правиме сите од љубов (верувам) и секогаш ми е ќеф кога ќе излезе нова македонска рап песна. Битно е да има рап! А рап сцената си е разновидна ептен. Само уште да имаше кај да се претстави повеќе. А раперите се тука, рапот си постои, песни се вадат, значи рапот во Македонија живее“, истакнува раперката.
И Тенева се согласува дека една од суштинските карактеристики на рапот е пренесување на порака, а посочува и дека многу од пораките што се изрецитирани одамна, се акуелни и денес.
„Текстот, секако, но тука е она flow на артистот, кое го гради автентичниот израз на раперот, артистот како сакате. Потоа музичкиот дел, инструменталот, со или без скречови, семплови и друго. Кога ќе се спојат сите овие елементи: текст, flow, добро измиксан албум, добра продукција, секако добивате добра рап трака, добар албум. Така се создаваат безвременски рап траки, рап албуми, кои се слушаат со децении“, смета таа.
Тенева забележува дека македонскиот јазик е одличен за рап и за рецитирање, поради моќната експресивност во него.
„Сметам дека има рап артисти, кои одржуваат континуитет во квалитетот. Отсекогаш се гледало само да се најде некој недостаток или грешка. Но, јас ги гледам на работите на друг начин. Го почитувам трудот, маката вложена во тоа да се направи макар и една трака. Мислам дека има ентузијазам“, вели таа.
Михаилова пак, се осврна на новите бранови на рапот, велејќи дека како музика, рапот секогаш ќе служи за пренесување порака и за искажување на вештина во рецитирање, и сега и во 2123-та.
„Нормално дека со тек на време излегуваат некои нови подвидови и поразличен звук, но, тоа едноставно не е рап! Немам ништо против, сѐ додека не се мешаат станиците. Секој со своето и во секој правец има добри нумери, но јас лично мислам дека таа некоја нова музика што се пласира моментално, можам да ја слушам само во клуб или чисто за забава. Едноставно трае кратко и е минлива, додека изворниот рап звук (што сѐ уште постои), дава нумери кои имаат поголемо значење и траат вечно… И тука е целата разлика! Едното се прави со цел да се заработи, а другото од љубов“, вели раперката.
Двете раперки за крај ни ги открија своите планови за во иднина. Од Бибич очекуваме нова продукција со Druggy, но и на нови синглови и соработки со балкански артисти.
Михаилова вели дека има желби, идеи и материјали за кои се надева дека ќе ја дочекаат светлоста на денот… А богами и ние.
Ивана Смилевска ft. Ангела Бошкоска