Новата апликација на Мета наречена Тредс (Нишки) собра пет милиони корисници во првите четири часа од пуштањето во употреба, изјави сопственикот на компанијата, Марк Закерберг.
Апликацијата за текстуална комуникација треба да биде конкуренција на Твитер на Илон Маск, и нуди подолги објави, промоција од повеќе славни личности и познати компании, како и многу сличен изглед со конкурентната социјална мрежа.
Тредс е достапен во 100 држави низ светот, меѓу кои и во Македонија преку продавниците на Епл и Гугл, но нема да биде достапен во Европската Унија поради регулаторни пречки.
Брендовите како Билборд, ХБО, НПР и Нетфликс отворија профили на новата мрежа само неколку минути по промоцијата. Мета велат дека меѓу нивните поддржувачи се и Шакира и Гордон Ремзи, а според последните информации Мета е во преговори за промовирање на платформата и со Опра Винфри и Далај Лама.
Корисниците на Тредс мора да имаат Инстаграм профил за да се вклучат на платформата. Откако ќе се пријават, можат да изберат да ги следат истите профили кои ги следат на Инстаграм доколку и тие се приклучиле на новата апликација.
Тредс изгледа многу слично на Твитер визуелно, иако дел од називите се променети. Така на пример ретвитите се наречени „репостови“, а твитовите се наречени „тредс“. Мета и во минатото има копирано конкурентски производи, како што на пример беше опцијата за рилсови, која е многу слична со кратките видеа на ТикТок.
Објавите на Тредс можат да бидат долги по 500 карактери, за разлика од ограничувањето од 280 карактери кај најголемиот дел од Твитер корисниците. Видеата можат да бидат долги до пет минути, а објавите ќе можат да бидат споделувани како линк на други платформи. Корисниците можат да отследуваат, блокираат, ограничуваат и да ги пријавуваат другите корисници. Корисниците исто така ќе имаат пристап до филтер, со кој можат да ограничат реплики со одредени зборови во нив.
Мета ја лансираше Тредс во тек на нов турбулентен период со кој се соочува Твитер, откако конкурентската компанија воведе лимит на број на твитови кои корисниците можат да ги погледнат дневно.
„Сметам дека треба да постои апликација за јавна комуникација со 1 милијарда луѓе на неа. Твитер имаше можност да го направи тоа, но не успеа. Се надевам дека ние ќе успееме“, напиша Закерберг во неколкуте последователни објави на Тредс.
Реакциите на првиот ден од промовирањето на новата апликација се движат од оние кои гледаат со ентузијазам на новата платформа, до оние кои се сомничави. Многумина ја пофалија леснотијата на користење на апликацијата, а дел од корисниците велат дека Илон Макс треба да биде загрижен од ваквиот развој на настаните. Други, пак, посочија дека брзата интеграција на апликацијата со Инстаграм покажува колку моќна станала Мета. Сепак, иронично, најголем дел од овие дискусии се одвиваа на Твитер, каде хаштагот #Threads синоќа стана вирален.
Мета го опишува Тредс како „нов, одделен простор за објави во реално-време и јавни дискусии“, со цел „да се земе она што најдобро го прави Инстаграм и да се прошири на текст, создавајќи позитивен и креативен простор за изразување на идеи“.
Твитер има вкупно 250 милиони корисници, додека Инстаграм има дури 2 милијарди корисници.