Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) стана прв македонски универзитет кој е дел од Европска универзитетска алијанса, соопштија од Универзитетот.
Од УКЛО додаваат дека европските универзитетски алијанси им овозможуваат на новите генерации европејци да учат и работат во различни европски земји, на различни јазици, во различни сектори и во различни академски дисциплини. На тој начин студентите добиваат дипломи од комбинирани студии од неколку европски земји, што придонесува до меѓународна конкурентност на европските универзитети.
„Одобрениот проект е со вкупен буџет од повеќе од 14 милиони евра, од кои за УКЛО се 830.000 евра, а ќе се имплементира наредните четири години на целиот УКЛО, како во ректоратот, така и сите единици. Значајно е дека проектот ќе овозможи целосна дигитализација на процесите на УКЛО, како и заеднички студиски програми, размена на студенти и кадар во рамките на алијансата. Очекуваме овој проект, како најголем европски проект што се имплементирал на УКЛО (веројатно и еден од најголемите проекти кои се имплементирале на универзитетите во Македонија) во наредните четири години значително да го промени ликот на УКЛО“, велат од УКЛО.
Европската универзитетска алијанса во која членува УКЛО е наречена COLOURS – COLlaborative, innOvative, sUstainable, Regional UniverSities и во неа се вклучени универзитети од Шпанија, Италија, Германија, Франција, Полска, Хрватска и Литванија.
Повеќе за Европските универзитетски алијанси можете да прочитате на следниов ЛИНК.