Желбите за почист и поубав град ги скршија партиските интереси на власта и опозицијата во Тетово. Граѓанската табла во центарот на градот послужи како „поле за културен натпревар“, но овој пат, не на народите, туку на политичките партии.
Ново кино и нов театар се најпосакуваните желби на тетовци испишани на двојазичната граѓанска табла поставена зад центарот за култура „Иљо Антески – Смок“.
Тетовци, всушност го бараат стариот вкус на градот, двете кина и македонскиот театар кој по одлуката на тогашните власти морал да се затвори заедно со театарот во Охрид. За разлика од македонскиот театар кој веќе долги години го нема, во градот опстојува албански театар со вработени актери, под закрила на тетовскиот центар за култура во кој е сместен и Факултетот за драмска и музичка уметност.
Елена Мишевска од Младинскиот образовен форум за Радио МОФ вели дека за најпосакуваните желби, организацијата ќе ја информира локалната власт за решавање на проблемите на граѓаните.
„Од желбите кои граѓаните ги испишуваа(т) на граѓанската табла во центарот на Тетово, најмногу ги има за кино и театар. Поради тоа, ќе упатиме апел до локалната самоуправа во Тетово да превземе мерка за изградба на кино, кое што е навистина потребно за овој град“, вели Мишевска.
Од МОФ бараат локалната администрација да се осврне на проблемите, односно на желбите на граѓаните за кино и македонски театар.
Режисерот Глигор Кондовски пак, смета дека општината има доволно места во нивна сопственост каде може да се „импровизира“ или изгради кино. Тој вели дека на градот му е потребно кино, а исто така и македонски театар.
„Потребно е да се вратат двете кина, а и да се изгради посебна институција за професионален и аматерски театар. Општината има доволно места за да го направи тоа“, смета Кондовски.
Тој, го истакнува фактот дека во Тетово годишно се прават по 6-7 премиери на претстави на тетовските аматерски групи, како и се промовираат краткометражни филмови во импровизирани „кино сали“.
Сличен став за потребата на македонскиот театар дели и актерот Игор Бачоски, кој вели дека на градот му е неопходен театар на македонски јазик.
„Тетово едноставно мора да има театар на македонски јазик, најпрво затоа што во некои други времиња имало театар во Тетово, а најмногу поради прекрасната тетовска публика поради која треба да има театар. Во овој момент фукционираат повеќе драмски групи“, вели актерот Бачоски.
Членовите на Детското драмско студио пак, за Радио МОФ велат дека поради презафатеноста во центарот за култура „Иљо Антески Смок“, тие тешко можат да дојдат до слободен термин, а за декември пак, најавуваат две претстави, „Двојбојот од Чапчоо сокаче“ и „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ.
Извори од локалната администрација на Тетово велат дека доколку изградбата на македонски театар и кино сала не помине на седница на Советот на Општина Тетово, на жителите на градот ќе им остане (само) желбата за кино и театар, но не и нивна реализација.
Марко Видачек, Медиа/арт клуб Тетово