[Став] Ќе му дадеме ли шанса на Тредс?

Вчера наутро, само што се разбудив мораше да го поминам секојдневниот ритуал од скролање низ нотификациите на неколку социјални мрежи кои често ги користам. Веднаш ми одзеде внимание Инстаграмот, со известување дека некој од моите пријатели веќе го објавил својот прв Тред.

Моментално ми беше нејасно, само за кратко потоа да се потсетам на најавите за новитетот на Мета за кој последно читав и еден ден претходно.

Побрзав и јас да направам профил на мрежата која е многу идентична на Твитер. Прилично брзо и едноставно. Инстаграм ми понуди со два-три клика, веќе да почнам да скролам низ времепловот кој на почеток беше исполнет со многу „рандом“ објави, најчесто на верифицирани профили и светски инфлуенсери, немајќи што да прочитам од сопствената мала публика во првите моменти.

16 часа подоцна, најмалку 30 милиони корисници веќе се приклучија на мрежата.

Времеплов со тредови, опција за пребарување профили, копче за пишување и известувања. Прилично едноставен интерфејс за апликација која е на самите почетоци. А засега, нема ниту реклами. Напишаните тредови можат многу едноставно да се споделат на Инстаграм стори, со позадински дизајн, а одма боде очи и опцијата да се сподели тредот на Твитер, што многумина го воочија,  потсмевајќи се.

Можеби еден проблем кој многу ќе влијае врз луѓето кои работат како уредници на социјални мрежи е неможноста за едноставно да се префрлат од еден на друг профил на оваа социјална мрежа, бидејќи мора да се одлогираат од едниот профил, за да се префрлат на друг.

Пристапот до Тредс од Инстаграм, моментално е достапен преку корисничките подесувања и линк во биографијата на корисниците кои веќе направиле Тредс.

Многу од моите пријатели побрзаа да направат свој профил и да ги испробаат можностите кои ги нуди апликацијата. Истовремено, тука се приклучија и многу македонски инфлуенсери кои имаат сериозна база на следачи на самиот Инстаграм.

Во меѓувреме, се отвори и еден пандан на популарните страници кои ги респоделуваат популарните твитови по останатите социјални мрежи, наречен Tredoj.mk. Самиот профил има за цел, како што најави, да создаде апликација за агрегатор на топ тредови, налик на секцијата за топ твитови на time.mk, а се дотогаш нивниот профил се полни со респоделувања на тредови напишани на македонски јазик.

Со апликацијата, субјективното чувство ме наведува дека Инстаграм по се изгледа сака да создаде место за дискусија за младите кои избегаа од Фејсбук. На тој начин, што тука дискусиите се поорганизирани, постои опција за споделување линкови во самите тредови и респоделување на мислења. Нешто, што сега не е возможно на апликацијата Инстаграм, првично наменета за споделување фотографии и видеа.

Она што можеби се разликува од Твитер е немањето опција за истражување трендови. Нема опција за пораки, а не постојат ни хаштази.

Извршниот директор на Инстаграм Адам Мосери посочи дека има „тон основни работи што недостасуваат“, набројувајќи го пребарувачот, хаштазите, времепловот со следбеници, и како што рече, можеби пораки.

За потребата од хаштази, вниманието го сврте и Крис Месина, кој е заслужен за концептот на хаштазите, споредувајќи ги Тредс и Твитер, велејќи „Драг Зак, те молам поправи го ова“.

Молскавично уште истиот ден започна дебата, но и масовно споделување мемиња за шегување со Твитер и неговиот сопственик Елон Маск.

Последните промени, кои најмногу влијаеја на неверифицираните корисници, а кои настапија по доаѓањето на Маск во сопственичката структура на Твитер, веројатно оставија и вакум простор за корисниците да бараат можност да мигрираат на други мрежи, како Мастодон, а сега и Тредс.

Идејата позади Тредс не му се допадна на сопственикот на Твитер Илон Маск, кој кусо твитна „конкуренцијата е добра, но мамењето не“. Па така, од Твитер најавија дека размислуваат и да покренат тужба против сега конкурентската апликација.

Она што е важно да се знае е дека апликацијата Тредс моментално не е достапна во земјите на Европската Унија, па така корисничката база се очекува да расте уште повеќе во иднина. Позитивната работа е што корисничките сметки се создаваат едноставно, преземајќи ги основните податоци од профилите на Инстаграм, што сигурно влијаеше и врз огромниот раст на корисничката база на самите почетоци. Дали „хајпот“ ќе спласне или социјалната мрежа ќе го заземе приматот на некои други останува да видиме.

@koloskimartin