Еколошката иницијатива „Здрава Котлина“ преку социјалните мрежи повика на протестна блокада, која ќе се одржи на 15 јули, (сабота) со почеток во 11 часот, на раскрсницата на центарот во Струмица веднаш до градскиот пазар „Глобал“.
„Почитувани жители на Македонија, соборци, сограѓани, без разлика на пол, вера, социјален статус, политичка и било каква друга определба, на Струмичката Котлина ѝ се заканува грозоморно убиство! Со последниот потег на корумпираните судови и Владата, рударските корпорации се на чекор да го отворат геноцидниот и екоцидниот проект рудникот ‘Иловица-Штука’! После алармантната вест за спојувањето на концесиите, реакциите на здраво-разумните луѓе не стивнуваат! Нивниот и нашиот став е кристално јасен – ќе се бориме до крај! Во знак на протест на неразумната одлука, ве повикуваме сите заедно да го изразиме нашиот револт за да ја одбраниме Струмичката Котлина, нејзините животоносни продукти, а со тоа и цела Македонија! од алчните злосторници и нивните соработници, кои со отворањето на рудникот, подмолно и беспоштедно сакаат да нѝ ги отрујат трите основни извори за живот: водата, почвата и воздухот! А тоа води до трајно исселување од нашите огништа и засекогаш да ја напуштиме нашата котлина преполна со живот! Затоа, ги повикуваме сите поединци, граѓански здруженија, спортски, велосипедски, планинарски, моторџиски и разни организации од Струмичката Котлина, од Југоистокот и од цела Македонија на протестна блокада во Струмица!“, стои во соопштението на „Здрава котлина“.
Ваквиот чекор за протестна блокада доаѓа откако еколошката платформа Дома пред една недела објави дека судот го донел „Еколог“ на Назиф Дестани на чекор до отворање на рудникот Иловица.
Како што пишуваше медиумот, Дестани, основач на компанијата „Еколог“ преку негова фирма во Холандија на 24 јануари годинава вложил три милиони долари во акции од компанијата „Еуромакс“. Само петнаесетина дена откако Дестани ги купил акциите во „Еуромакс“, Вишиот управен суд одлучил да ја уважи жалбата на канадската компанија на одлуката на Владата да го раскине договорот за една од концесиите за експлоатација на руда на оваа локација.
Според Дома, Управниот суд потоа на 30 март ја уважил тужбата на „Еуромакс Рисорсес“ против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, но не и за спојување на двете концесии за оваа локација.
На 4 јули во Службен весник беше објавена Одлука за спојување на двете концесии за рудникот Иловица. Додека активистите беа револтирани од ваквиот сплет на настани и ја обвинија Владата за државен непријател, од Министерството за економија рекоа дека основ за спојувањето концесиите е пресудата од Управниот суд од 30 март. Според министерството, заедно со Владата имаат слух и разбирање за загриженоста на локалните жители, па тврдат дека за понатамошните активности ќе бидат консултирани и граѓаните.
„Дозвола за експлоатација нема да биде издадена и без предходни консултации и сослушување на ставовите на локалното население, што е и законски редовна постапка при издавање на решение за одобрување на студија за заштита на животната средина, без која не може да се издаде дозволата“, соопштија од министерството.