Во изминативе денови се прошири веста дека во Холандија има одлука за забрана на користењето на мобилни телефони, таблети и паметни часовници во училиштата. Иницирана е од самите наставници, а се очекува да започне да се спроведува од следната учебна година.
Оттука, Шанса за Центар се приклучува кон иницијативата на холандските училишта, па бара да се донесе одлука и за училиштата во Центар.
„Иако мобилните телефони се неизбежен дел од нашиот секојдневен живот, тие не треба да имаат место во училницата! Широка е употребата на мобилните телефони за време на часовите и во паузите, од учениците, но за жал и од наставниците“, соопштуваат од Шанса за Центар.
Од таму прашуваат дали возрасните, родителите и наставниците, се согласуваат дека мобилните телефони ги деконцентрираат учениците, им попречуваат да се фокусираат на наставата и понекогаш стимулираат агресија и булинг помеѓу соучениците?
„Каков пример им се возрасните? Иднината која ќе им ја дадеме на децата зависи од нашите одлуки и нашата одговорност и од преземените конкретни мерки во однос на проблемот“, велат од Шанса за Центар.
Според иницијативата која има советници во Советот на Центар, одлуката би требало да има неколку исклучоци, вклучувајќи ги учениците со посебни потреби или попречености, и да не важи за часовите кои се фокусираат на развој на дигитални вештини.
Инаку, зборувајќи за меѓуврсничко насилство во школите, новиот претседател на Сојузот на средношколци, Берин Мухамед, во интервју со Радио МОФ неодамна зборуваше токму за иницијатива за редуцирано користење на мобилните телефони во училиштата.
„Пред да бидам младински амбасадор, имав еден проект. Сите статистики беа поврзани со социјалните медиуми. Децата снимаат и постираат некој на часовите. Се зезаат на нечија сметка. Насилството продолжува, кружи. Како решение е добро да имаме пократок рок за да ги користиме мобилните телефони. Додека дојдеме во училница да ги имаме в џеб, ама кога ќе почне часот да се соберат во некоја кутија, па да ги добиеме на одмор, или кога ќе се враќаме дома“, рече Мухамед во интервјуто.
Бојан Шашевски