Тредс, социјалната мрежа – ривал на Твитер, за помалку од пет дена се здоби со 100 милиони корисници, пишува „БиБиСи“.
Со оваа бројка Тредс, која е во сопственост на компанијата „Мета“, го надмина рекордот поставен од апликацијата ЧетГПТ на „ОпенАИ“.
Апликацијата сѐ уште не е достапна во ЕУ земјите поради законите за приватност на податоците.
Марк Цукерберг, сопственикот на „Мета“, под чија капа се Фејсбук и Инстаграм, истакна дека апликацијата добила 10 милиони корисници во првите седум часа, а веќе 30 милиони корисници до вториот ден.
Со 100 милиони корисници, податок добиен од платформата за податоци „Quiver Quantitative“, базата на Тредс сега изнесува помалку од една третина од корисниците кои ги има Твитер, односно 350 милиони корисници.
Некои корисници на Твитер се разочараа откако милијардерот Илон Маск ја презеде платформата. По откупувањето на Твитер, Маск укина илјадници работни места, а најавени беа бројни промени за да се создаде приход.