Кога жените би раѓале повеќе деца, според широко распространето гледиште, тогаш не би морале толку да се грижиме за демографските прашања. Повисоките стапки на наталитет би го стабилизирале бројот на населението, па дури и би го зголемиле. Набрзо би се зголемил процентот на вработени работоспособни лица, намалувајќи ја загриженоста за тоа колку се одржливи нашите социјални и пензиски системи. На крајот, зголемувањето на населението ќе ги поттикне економскиот раст и просперитет.
Звучи добро? Можеби да. Но постојат два основни проблеми во врска со ова гледиште.
Прво, многу е мала веројатноста дека ќе се случи тоа. На репродуктивните избори на луѓето влијае комплексна мешавина од економски, социјални и културни фактори, како и лични преференции. Владите правеа обиди да ја зголемат стапката на наталитет, главно, преку обезбедување финансиски стимулации и поголема поддршка за семејствата. Но досега, и покрај масовните инвестиции, ниту една земја во Европа не успеа да ги доведе стапките на фертилитет до ниво што е потребно за да се запре намалувањето на населението, па дури и да се врати во нагорен тренд. (Од друга страна, дури и во многу неверојатно сценарио, според кое една земја би успеала значително да ја зголеми стапката на наталитет, тоа може, дури и ако не се смени ништо друго, само да доведе до поголема емиграција.)
Второ, што можеби повеќе загрижува, обидите да се натераат жените да имаат повеќе деца лесно може да ги загрозат нивните репродуктивни права, па дури и нивниот еднаков статус во општеството. Кога женското тело се гледа само како инструмент за остварување на апстрактните идеали за населението, најчесто следат повици за ограничување на правото на жените да донесуваат одлуки во однос на децата и семејството. Ова, пак, претставува закана по напредокот од изминатите децении во однос на родовата еднаквост и ги враќа жените на статус на граѓани од втор ред, при што нивната вредност првенствено е дефинирана од нивната улога како родилки и негувателки на деца.
Ако решението не лежи во тоа жените да се убедат да имаат повеќе деца, тогаш што може да ја реши демографската криза во Источна Европа? Залогот е голем, особено во овој регион каде што децениите на емиграција и ниска стапка на наталитет предизвикаа стареење и намалување на населението во земјите. Последиците не мора да се катастрофални; примерите на Финска или Германија покажуваат дека земјите со старо население и ниска стапка на фертилитет можат да напредуваат. Но за да се случи ова и во Источна Европа, потребно е да се стави крај на широко распространетата фиксација на стапките на наталитет, а со тоа и на женските тела и да се согледа што навистина лежи зад таквиот став: масовно одвлекување на вниманието што нè спречува да најдеме решенија што всушност функционираат и не ги кршат правата на луѓето.
Како и да е, жените мора да бидат централен дел од пристапот кон успешно справување со демографските промени во регионот, но не на начин како што очекуваат многумина. Преку поголема родова еднаквост, наместо да се ограничуваат правата на жените, земјите можат да дојдат до посилна позиција за надминување на демографската криза со која се соочуваат.
Зошто е така? Бидејќи широко распространетата дискриминација и исклучувањето на жените од општеството и економијата го оневозможува пристапот на земјите до вреден човечки капитал. Тоа дополнително ги ослабува земјите чија работна сила и таленти веќе се исцрпени од децениската емиграција. И тоа придонесува за ниска стапка на наталитет и eмиграција, со што само се влошува демографската слабост на регионот.
Размислете за следниве случаи: неродено женско дете бидејќи родителите претпочитаат да имаат машко дете, а не женско; тинејџерка што го напуштила училиштето поради несакана бременост или присилен брак; студентка обесхрабрена да избере професија од технолошките науки (бидејќи „тоа е за момчиња“); млада жена од која се очекува да ја преземе целата грижа и работа во домаќинството и е принудена да направи избор помеѓу тоа да има деца или да се вработи; мајка што не е земена предвид за унапредување; колешка што не може правилно да си ги врши работните задачи затоа што ја тепа сопругот; старица што живее во сиромаштија и со лошо здравје како последица на доживотното изложување на дискриминација.
Сите овие случаи, комбинирани и помножени со милиони, укажуваат на огромна загуба на потенцијален талент, можности и продуктивност и ефективно спречиле милиони луѓе целосно да учествуваат и да придонесат во општеството и економијата. Ова не треба да се случува никаде, а особено не во земјите каде што се намалуваат и стареат и населението и работната сила.
Позитивните ефекти на родовата еднаквост врз економијата и општеството се добро разбрани и документирани. Светската банка проценува дека затворањето на родовиот јаз во работната сила, на пример, ќе го зголеми БДП по жител за речиси 20 проценти во просек. Едно неодамнешно истражување на Обединетите нации покажа дека поголемата родова еднаквост во работната сила многу повеќе ќе ја зголеми одржливоста на економиите во општествата со старо население и низок фертилитет отколку што би се постигнало со враќање кон поголем фертилитет.
Земјите можат да направат многу за да ја подобрат родовата еднаквост и да ја зајакнат својата отпорност кон демографските промени – од воведување семејни политики корисни и за мажите и за жените до борба против родово базирано насилство, од спротивставување на социјалните норми што помалку ги вреднуваат жените и девојките до давање помош на компаниите да ги реформираат дискриминаторските политики на работното место.
На денешниот Светски ден на населението ги поздравуваме сè поголемиот број земји што ја препознаваат поврзаноста помеѓу родовата еднаквост и демографската отпорност. Им ја нудиме нашата поддршка на владите што се заинтересирани да им овозможат на жените и девојките да го реализираат својот целосен потенцијал, за нивна корист и за доброто на нивните семејства, заедници и општества во целина. Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, со повеќе од 50 години искуство и присуство во околу 150 земји во светот, е агенција што ги советува владите за политиките поврзани со населението, репродуктивните права и родовата еднаквост. Нашата регионална Програма за демографска отпорност е дизајнирана да им овозможи на земјите да напредуваат во светот на брзи демографски промени.
Денес во Европа земјите со најголема родова еднаквост покажуваат тенденција да бидат на врв на ранг-листата на најразвиени земји и најдобро се справуваат со демографските промени. Тие, исто така, имаат највисоки стапки на фертилитет.
Промените на населението влијаат врз сите земји, но некои подобро се справуваат со ова прашање од други. Само ако инвестициите во родовата еднаквост бидат клучен дел од одговорот на земјите, дури тогаш демографските промени може да се трансформираат од закана во можности, а во придобивките од ова ќе уживаат и поединците и општествата на многу идни генерации.
*Флоренс Бауер е директорка на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.