Дигиталната платформа на Yes for less, (yesforless.mk) која на едно место содржи одбрани македонски бизниси кои нудат еко-производи, услуги и искуства, а информира и за сите места за селектирање и рециклирање на секаков видов на отпад, од вчера е пуштена во оптег.
Идејата за ваква платформа е на Катерина Илијовска и Сара Коцевска од Yes for less, за која тие во 2022 година беа наградени на натпреварот за социјално претприемништво RISE Journey организиран од здружението за социјални иновации „АРНО“.
„Целта на платформата е да се промовира одржливото живеење и одговорниот консумеризам, сѐ со цел да се зголеми еколошката свест во нашата држава. Тимот на Yes for Less верува во малите промени на индивидуалните навики, кои од нивното досегашно искуство на социјалните мрежи, многу често имаат домино ефект и доведуваат до меѓусебна инспирација и мотивација и на поголеми маси“, велат тие.
Илијовска и Коцевска велат дека на платформата јасно се прикажани сите зелени и општествено одговорни бизниси во земјава, но и практични совети и информации за поодржливо живеење.
Освен на дигиталната платформа, еко-советите се достапни и на социјалните мрежи на Yes for Less, како Фејсбук и Инстаграм.