Во наредните две години ќе бидат доделени осум стипендии за студенти од Македонија за постдипломски студии на МБА програми на Ешриџ Бизнис Школата (Ashridge Business School) од Велика Британија, како поддршка на процесот на зајакнување на менаџерските капацитети во земјава.
Ова го предвидува Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа министерот за образование и наука, Спиро Ристовски и извршниот директор на Ешриџ Бизнис Школата, Каи Питерс.
Стипендиите се во вредност од 16.250 фунти и покриваат 50 отсто од школарината на избраните кандидати. Ќе се доделуваат во четири приемни рокови, односно во март и септември 2014 и 2015 година. Селекцијата по завршувањето на конкурсите ќе ја врши Министерството за образование и наука врз основа на стандандните критериуми, предвидени од страна на Ешриџ.
Независната и непрофитна организација „Ешриџ“, основана во 1959 година е интернационална бизнис школа, која нуди широко портфолио на образовни услуги, вклучувајќи приспособени бизнис програми за менаџери, МБА програми, магистерски и дипломски квалификации, применети истражувања, како и кансалтинг услуги.