800 образовни асистенти ќе бидат ангажирани во основните училишта во новата учебна година, истакна денес министерот за образование и наука Јетон Шаќири, по средбата со директорките на двете скопски основни училишта со ресурсни центри „Златан Сремец“ и „Иднина“ – Марија Делетиќ и Лорета Андреевска.
На средбата се разговарало за активностите кои во моментов се спроведуваат за старт на новата учебна година за сите ученици со попреченост.
„Образовната асистенција започна со ангажирање на 500тини стручни лица во основното образование пред 2 години. Изминатава учебна година имавме 720, а од следната бројката ќе биде уште поголема. Целосно ќе го обезбедиме буџетот за нивно ангажирање и родителите, односно старателите на учениците со попреченост нема да имаат никакви финансиски издатоци по овој основ“, истакна Шаќири.
Според МОН, во постапка на изработка е нов Закон за средно образование, а во него се предвидува ангажирање на образовни асистенти и во средните училишта, кои досега се вклучуваа преку програма за општинско корисна работа.
„Улогата на образовните асистенти е различна од ученик до ученик и зависи од процената по Меѓународната класификација на функционирање, дадените препораки, индивидуалниот образовен план за работа со ученикот со посебни потреби, од паралелката и училиштето“, велат од министерството.
Bо основните општински училишта во земјава се вклучени околу 2000 ученици со посебни образовни потреби, додека во средните се инклудирани 300 ученици, посочуваат од МОН.