Со растрчани волонтери, насмеани учесници, во прекрасното Крушево денеска започна 13-тата Македонска извидничка смотра, велат од Сојузот на извидници на Македонија.
Од денес па до 21 јули, под мотото „Достигни ги височините“ на интернационалниот камп ќе учествуваат над 1.000 извидници од земјава и околу 15 земји од регионот, Европа и светот, како Белгија, Бугарија, Германија, Израел, Словачка, Србија, САД, Франција, Хрватска, Црна Гора, Албанија, Италија, Романија, Шпанија, Швајцарија…
Настанот на секои пет години го организира Сојузот на извидници на Македонија и претставува најмасовен, едукативен, авантуристички и повеќедневен камп за деца и млади.
Смотрата ја отвори претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски кој честитајќи им го јубилејот на Сојузот на извидници на РСМ – 70 години од постоењето, им изрази целосна поддршка.
„Користејќи ги извидничките знаења, вештини и искуства, вие промовирате активизам и здрав живот кај младите. Вашите програми помагаат за интелектуален, психички, социјален и емотивен развој кај луѓето на млада возраст. Како една од невладините организации со бројно членство, придонесувате за квалитетно неформално образование, активно граѓанство и севкупен развој на заедницата“, посочи Пендаровски.
На настанот се обратија и евроамбасадорот Дејвид Гир, директорот на Јавното претпријатие „Национални шуми“, Валентин Груевски, градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски, директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсоски и Министерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова.
Повеќе од 1.000 извидници ќе се едуцираат и дружат на 13. Македонска смотра во Крушево