Министерството за образование и наука (МОН) денеска го објави Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за студиската 2023/2024 година.
Студентите може да аплицираат на конкурсот за сместување во 12 државни и приватни студентски домови. Достапни се вкупно 4.480 легла, од кои 1.093 се предвидени за студенти од прва година, додека 3.385 легла се предвидени за студенти од втора до шеста година, како и апсолвенти.
Најголем број легла се достапни во студентскиот дом „Гоце Делчев“ – 1.176, а 997 легла се достапни во студентскиот дом Пелагонија.
Од МОН посочуваат дека студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Рокот за пријавување на студентите од втора година и повисоките години почнува од 17 јули и трае до 31 ЈУЛИ. Рокот за пријавување на студентите од прва година пак, почнува од 1 септември и трае до 9 септември.
„Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи се до пополнување на истите, но најдоцна до 30.11.2023 година“, велат од МОН.
Студентите кои сакаат да се пријават на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk.
Повеќе информации за конкурсот се достапни на следниов ЛИНК.