Појавата на вештачката интелигенција (ВИ) предизвика бројни дебати, но едно е сигурно – таа e моќна алатка која има огромен потенцијал за трансформирање на цивилизацијата.
Во културни контексти, каков што е оној во Македонија, недовербата кон вештачката интелигенција се чини контрапродуктивна, попречувајќи го напредокот во земја која се бори со егзодус на таленти и социо-економски предизвици.
Прифаќањето на технологијата за вештачка интелигенција е од клучно значење за да останеме поврзани со глобалните достигнувања, да ги подобриме способностите за учење и да го демократизираме пристапот до стручно знаење. Сепак, одговорната и етичка употреба на технологијата покренува фундаментални прашања за тоа што нè дефинира како добри (етички) човечки суштества.
Како што се движиме низ овој комплексен пејзаж, станува сè поочигледно дека перцепцијата на вистината е субјективна и ранлива, со особен предизвик на правење разлика помеѓу фактите и фикцијата. Останува да видиме дали „отпорот е залуден!“?
Вештачката интелигенција ќе ја спаси Македонија
Вештачката интелигенција е конечно помеѓу нас. Дел од луѓето се плашат дека таа ќе им ја земе работата или дека ќе го уништи светот. Но, подобро би било на ВИ да гледаме како на нешто што ни ја дава целата колективна интелигенција на човештвото на дланка.
Замислете ја како наша аугментирана интелигенција која ќе ни овозможи да бидеме подобри од тоа што сме. Учениците, уметниците, докторите, научниците, архитектите на градови, државниците…, сите ќе имаат личен асистент, ментор, советник, партнер, терапевт…
Но, уште повеќе од тоа, особено во земји каде што има недостиг на кадар и на експерти, ВИ ќе им овозможи да напредуваат и да бидат дел од светските економии. Како дел од сиромашна земја која се бори со последиците од масовниот егзодус на таленти и професионалци, мора да ја признаеме вредноста на ВИ и демократската сила што таа ја носи.
Прифаќањето на ВИ е клучно за да останеме во тек со глобалните случувања, да учиме полесно, да ги совладуваме задачите побрзо, да имаме лесен пристап до високо-квалификувани професионални совети (адвокатски, докторски, универзитетски…) кои се ексклузивни и недостапни за мнозинството.
Замислете, со ВИ дури и нашите политичари би можеле да донесуваат мудри и експертски одлуки од корист за целата држава!
Хипокризијата на изјавата – „Нема да користам неетичка технологија!“
Многу поединци се одрекуваат од генеративните ВИ технологии под изговор дека тие се неетички и ги нарушуваат авторските права. Притоа, истите немаат проблем да користат други технологии кои потекнуваат од воената индустрија.
Ако размислите подлабоко, целата човечка технологија е изградена на освојување туѓи територии, наметнување власт, користење туѓи ресурси, збогатување на грбот на послабите и врз черепите на други луѓе. Долга е листата на технологии кои се развиле за воени цели, поради желба за освојување и со милионски жртви.
Такви се интернетот (од Арпанетот), ГПС, нуклеарната енергија, бројните медицински постигнувања, дроновите, метеорологијата и многу други.
Интересното кај генеративната ВИ технологија е дека таа не е нова. Стара е речиси 100 години, но само во последнава година со новите постигнувања успеала да допре до општата популација.
Што е одговорна и етичка употреба на технологијата?
Технологијата може да се користи за добро и за лошо, но некогаш границата не е толку едноставна.
Фриц Хабер, германски хемичар и добитник на Нобелова награда за т.н. Хабер-Бош процес. Се работи за индустриски процес на добивање амонијак кој се користи за производство на ѓубрива. Се проценува дека една третина од годишното глобално производство на храна користи амонијак добиен преку процесот Хабер-Бош, и дека речиси половина од светското население се храни директно благодарение на тоа. Значи, Хабер е несомнено добар човек. Од друга страна, Хабер бил германски националист и татко на хемиската војна.
Тој ги развил и употребил во воени цели хлорот и Циклон-Б и како последица на тоа биле убиени повеќе од милион луѓе, а употребата на хемиското оружје била забранета според обичајното меѓународно хуманитарно право. Хабер е можеби најзначајниот научник кој некогаш постоел, но дали бил добар или лош човек, етичен или неетичен?
Прашање на перцепцијата
Што е вистина, а што лага во свет во кој тие сѐ потешко се разликуваат? ВИ несомнено ќе биде користена (и веќе се користи) за ширење лаги. Последната реклама на ДеСантис во кампањата за претседателски избори во САД во 2024, веќе вклучува слики добиени со ВИ. Допрва ќе има многу такви примери.
Но, што е вистината? Повторно, зависи од контекстот и од тоа што сакате да постигнете. Ако сакате да напишете рецепт, а притоа користите ВИ за генерирање на истиот и на сликите од „зготвеното“ јадење, дали е тоа лажење? Се разбира. Не сте поминале низ процесот на правење на јадењето. А што ако го пробате рецептот и е добар? На сајтот на Арно, како експеримент веќе се објавени неколку такви рецепти. Што ако, од друга страна, го препишете рецептот од друг човек или сајт и го објавите, што е честа појава на порталите за готвење, дали е тогаш лажење?
Работите не се толку едноставни колку што се чинат. Нашата перцепција е кревка работа. Честопати веруваме во нешта кои не постојат. Во Македонија движењето за теории на заговор има приличен замав. Притоа, најчести се теориите за штетноста на вакцините, т.н. антиваксерското движење, теоријата за рамна Земја, т.н. кемтрејлс (траги од авионите на небото), непризнавањето на климатските промени, опасностите од 5G мрежата, разни Ковид-19 теории на заговор, итн.
Навистина, во свет на лаги тешко е да се препознае вистината, но таа е уште потешка за гледање во ера на страв. ВИ несомнено предизвикува страв кај луѓето. Тие се плашат за сопствената егзистенција, како креативците и интелектуалците, или за опстанокот на човечкиот вид, поради опасноста од сингуларитет, моментот кога ВИ ќе биде автономна и независна од човекот.
Прашањата за вистината и перцепцијата на реалноста отсекогаш ги засегала филозофите. Од делото „Дискурс за методот,“ (1637) од Рене Декарт, до ирскиот емпириски филозоф Џорџ Беркли, преку Кантовата филозофија и неговата „Критика на чистиот разум“ (1781) до „Симулакра и Симулации“ (1981) од Жан Бодријар и модерните филмови како Матрикс, филозофите и интелектуалците, сите се интересирале за природата на сознанието и реалноста.
Прашање е на кој начин ВИ ќе ја обликува нашата перцепција на реалноста, етиката и вистината. Таа може да биде недемократска и деструктивна сила, но може да биде и моќна алатка на обесправените и немоќните да се издигнат од правот на сиромаштијата и незнаењето.
Да го парафразираме Карл Маркс, ВИ има моќ да им ги врати средствата за производство во рацете на сите луѓе во светот!
Одговорна употреба на технологијата
Додека се движиме низ сложениот пејзаж на технолошкиот напредок, од суштинско значење е да се разгледа одговорната и етичка употреба на вештачката интелигенција.
Додека некои поединци ги критикуваат генеративните технологии на вештачка интелигенција, наведувајќи ги грижите за етиката и прекршувањето на авторските права, важно е да се признае дека многу технологии што ги користиме денес, вклучително и оние кои потекнуваат од воената индустрија, имаат сложени етички импликации.
Одговорната употреба на технологијата не лежи само во проценката на нејзиниот потенцијал за добро или лошо, туку и во разбирањето на намерите и пошироките последици поврзани со нејзината примена.
Ако успееме да ги надминеме тие пречки ќе разбереме дека ВИ е технологија како и секоја друга. Понекогаш нефер и недемократска, но секогаш достапна за сите. Може да се искористи за ширење дезинформации, но може и да овозможи демократизација и пристап до информации и услуги кои никогаш порано не биле достапни, и што е најбитно – секому и секаде!
А тоа за една земја како Македонија е од суштинско, ако не и од пресудно значење.