Индија ја лансираше третата мисија на Месечината со цел да биде првата што ќе слета на за неа малку истражениот јужен пол, јавува „Би-Би-Си“.
Вселенското летало „Чандрајан – 3“ со орбитер, лендер и ровер полета во 9:05 утринава од вселенскиот центар „Срихарикота“. Лендерот треба да пристигне на Месечината на 23 или 24 август.
Доколку мисијата биде успешна, Индија ќе биде четвртата земја која направила меко слетување на Месечината, по САД, поранешниот Советски сојуз и Кина.
Третата програма на Индија за истражување на Месечината се очекува да се надоврзе на успехот од претходните мисии.
„Оваа мисија доаѓа 13 години откако земјата ја лансираше својата прва ракета во 2008 година што ја спроведе првата и најдетална потрага за вода на лунарната површина и утврди дека Месечината има атмосфера во текот на денот“, изјавил директорот на проектот „Чандрајан – 3“, Мајлсвами Анадруаи.
Анадруаи додал дека леталото „Чандрајан – 3“ што тежи 3.900 килограми и чини 75 милиони долари ги има „истите цели“ како неговиот претходник – да осигура меко-слетување на површината на Месечната.
„’Чандрајан – 2′ што исто така содржеше орбитер, лендер и ровер беше лансирана во јули 2019 година, но беше само делумно успешна. Неговиот орбитер продолжува да кружи околу Месечината и да ја истражува дури и денес, но лендер-роверот не успеа да направи меко слетување и се распадна за време на слетувањето. Тоа беше поради пропустот што се случи во последен момент“, објаснил Анадураи.
Шефот на индиската вселенска истражувачка организација, Сридара Паникер Сомант изјавила дека внимателно ги набљудувале податоците од последната несреќа и извршиле симулација за да ги поправат пропустите во новата мисија.