Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ која ја доделува наградата „Роман на годината“ поднела жалба до Државната комисија за управни постапки за финансиите кои годинава ги доделило Министерството за култура, по што добиле решение од Комисијата дека жалбата се одбива како неоснована.
„Министерство за култура за наградата ‘Роман на годината’ за 2022 одреди сума од 55.965 денари. За илустрација ќе кажеме дека само паричниот дел од наградата изнесува 150.000 денари во нето износ. Хонорарите на петчлената жири-комисија исто толку. Натаму, тука се трошоци за свеченото врачување, за оригиналната статуетка што ја добива лауреатот, за промоции низ повеќе градови во Републиката“, реагираат од Фондацијата во соопштението до јавноста.
Одлуката на Комисијата за литература и издавачка дејност „дека жалбата не е потполно оправдана од причини што нема нови докази (!) за да се менува одлуката и предлага жалбата да се одбие“, Фондацијата ја добила на 14 јули. Средствата на Министерството за култура и одбивањето на жалбата оттаму ги оценуваат како произволен и малициозен однос на Министерството кон една евидентна македонска културна вредност.
„Како илустрација ќе споменеме дека минатата година на истиот конкурс, со решение на истото Министерство за култура и со потпис на истата министерка, проектот ‘Роман на годината’ доби 281.308 денари. За Фондацијата ‘Славко Јаневски’ останува мистерија што се случи во меѓувреме, па ‘вредноста’ на проектот да се намали за повеќе од пет пати. Земајќи ги предвид сите објективни околности, сепак не можеме да разбереме зошто кај овој проект дојде до олкаво драстично намалување на поддршката од Министерството. И како е можно до таа мера да го смени своето претходно мислење“, децидни се од Фондацијата.
Оттаму се на ставот дека со ваква финансиска поддршка од Министерството за култура, опстојувањето на „Романот на годината“ е доведено во прашање.
„До 15 декември кога традиционално се распишува конкурсот за ‘Роман на годината’ остана уште малку време. Фондацијата ‘Славко Јаневски’ прави огромни напори да ја подобри сопствената финансиска кондиција за да може непречено да го организира овој конкурс. Но, со оглед дека „немаме нови докази“ и со оглед дека Министерството за култура кому токму вакви проекти му се ‘во описот и пописот’ на работата, очигледно смета дека оваа награда во ваков формат е непотребна, сѐ помалку ја гледаме потребата од сопствено жртвување за организирање и одржување на оваа традиција. Ако на Република Северна Македонија не ѝ е потребен ‘Романот на годината’, тогаш не гледаме причини зошто би ни бил потребен и нам“, пишува во соопштението.
Наградата „Роман на годината“ се доделува од 1999 година во рамките на „Утрински весник“, односно досега е доделена 24 пати. По згаснувањето на „Утрински весник“ формирана е Фондацијата „Славко Јаневски“ со првенствена задача да не дозволи проектот „Роман на годината“ да згасне. Годинешниот добитник на наградата беше писателот Влада Урошевиќ за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“.
Влада Урошевиќ е добитник на „Роман на годината“ за 2022 година