Од денеска на сила стапува забрана за движење во шумите и во националните заштитени подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер, а исклучок од ова е подрачјето на Водно, каде се предвидени редовни контроли, соопшти Владата на Република Северна Македонија.
Ваквата мерка се воведува поради високите температури, односно портокаловата фаза во која се наоѓа државава, а која се очекува да трае во следните 10-тина дена, според Управата за хидрометеоролошки работи.
Истовремено, од денеска продолжуваат да важат и препораките за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.
Согласно усвоеното, Владата препорачува:
- Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, чии работни ангажмани не е можно да се спроведат преку онлајн работа. Односно, ослободување од физичко присуство на работното место на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, со организирање онлајн работата, таму каде техничко-технолошкиот процес го овозможува тоа;
- Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
- Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници;
- Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Согласно добиените информации, Владата одлучи:
- Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките;
- Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
- Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;
- Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.
Мерките ќе траат во наредните 9 дена, односно од 17 до 25 јули, до натамошно одлучување, соопшти Владата.